Рама: Обединувањето на Албанија и Косово е неизбежно

Албанскиот премиер Еди Рама синоќа го повтори својот став за обединување на Албанија и Косово, кој претходно предизвика реакции на Белград, но и на меѓународната заедница, пренесе МИА.

– Реков дека обединувањето е нешто неизбежно и неспорно и тоа ќе се случи на патот кон Европа, изјави Рама во интервју за телевизијата Скај Њуз Арабија.

Рама и овој пат повтори дека ако обединувањето на Албанија и Косово не се случи во рамките не ЕУ, тогаш тоа може да се случи на друг начин.

– Другиот начин е можен доколку Европа не се вмеша во стратешките калкулации на балканските држави и во промена на изгледот на Блакнот, рече Рама.

Како што јави Танјуг, слична изјава за обединување на Албанија и Косово Рама даде и при неодманешното заедничкото интервју со косовскиот министер за надворешни работи Хашим Тачи за телевизијата Клан Косова.

Рама тогаш рече дека Албанија и Косово ќе се обединат на „класичен начин“, доколку ЕУ не го отвори патот за евроинтеграција на Приштина и за визна либерализација.

– Обединувањето на Албанија и Косово има две алтернативи и се зависи од пристапот на ЕУ, рече Рама за Клан Косова.

Властите во Белград жестоко реагираа на ваквата изјава, а српскиот премиер Александар Вучиќ тогаш им порача дека  Рама и Тачи дека „нема да го исполнат сонот за обединување на Албанија и Косово, без разлика кој и да ги поддржува во тоа“.