Рама: За инцидентот во Белград не се виновни мојот брат и Албанците

Албанскиот премиер Еди Рама ги отфрли тврдењата дека неговиот брат е поврзан со инцидентот со дронот, што леташе над теренот на стадионот на „Партизан“ во Белград за време на фудбалскиот натпревар Албанија- Србија.

– Ниту мојот брат ниту било кој од оние, вкупно 45 луѓе дојдени од Албанија за натпреварот се виновни за она што се случи, изјави Рама во интервју за Си-Ен-Ен.

Според Рама, никој од нив не може да биде поврзан со леталото, бидејќи телевизиските снимки покажуваат дека тоа долетало од надвор, што значи дека не е покренато од стадионот, или уште помалку од местото каде беше сместена албанската делегација.

Албанскиот премиер изрази жалење за она што се случи и ги отфрли обвинувањата кон Албанија, означувајќи ги како „пропаганда“.

– Жалосно е што ова се случи во време кога албанското-српските односи, по многу години, се нормализирани, без притисоци и непријателствата од минатото, вели Рама во интервјуто.

Инаку, на 22 и 23 октомври, Рама треба да допатува во Белград за да оствари средба со српскиот премиер Александар Вучиќ. Станува збор за прва посета на еден албански премиер на Србија по 68 години.

И покрај тоа што се случи минатиот вторник, Рама за Си-Ен-Ен изјави дека тој би сакал да патува во српскиот главен град, забележувајќи дека посетата може да придонесе за унапредување на билатералните односи и за создавање нова клима на односи на Балканот.

Премиерот на Србија, пак, за белградските медиуми изјави дека одлуката за тоа дали посетата ќе се одржи или ќе биде откажана, ќе ја донесе во текот на викендот.

Српските медиуми, како и тамошните власти и понатаму тврдат дека инцидентот на натпреварот беше „албанска провокација“ и продолжуваат да го обвинуваат братот на албанскиот премиер за дронот над стадионот на „Партизан“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.