Рамчиловиќ од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предводи делегацијата на Собранието на комеморацијата во Сребреница

Нагласувајќи ја важноста за градењето на меѓусебната доверба, стабилен и траен мир, регионална соработка и европските интегративни процеси и изразувајќи најдлабок пиетет кон жртвите на бошњачкиот народ во геноцидот во Сребреница, Собранието на Република Македонија на 4 февруари 2010 година ја поддржа Резолуцијата на Европскиот парламент за Сребреница, усвоена на 15 јануари 2009 година и се обврза дека соодветно ќе го одбележи 11 јули – Денот за сеќавање на геноцидот во Сребреница.

На иницијатива на Здружението АВАЗ првпат оваа година собраниска делегација ќе присуствува на комеморацијата во Меморијалниот центар Поточари.

Делегацијата ќе ја предводи пратеникот од здружението Доц. Д-р Зеќир Рамчиловиќ заедно со пратениците Реџаил Исмаиљ и Илија Николовски.

На овој начин Собранието на Република Македонија оддава почест на сите жртви на геноцидот и изразува најдлабоко сочувство со семејствата на жртвите од геноцидот во Сребреница од јули 1995 година.

Во рамките на одбележувањето на годишнината од геноцидот, група на граѓани од Република Македонија предводена од здружението „Диван“ ќе отпатува и ќе присуствува по трет пат на комеморацијата во Меморијалниот центар Поточари.

Воедно, во рамки на традиционалните одбележувања на 11 јули во Скопје ќе се одржи „Марш на мирот“ предводен од повеќе невладини организации на чело со Бошњачката културна заедница – БКЗ како и граѓани кои го осудуваат геноцидот во Сребреница.

Здружението АВАЗ најостро и недвосмислено ги осудува сите злосторства, но исто така ги осудува и сите оние кои го негираат геноцидот починет врз цивилното население во Сребреница.