Рамчиловиќ: СДСМ да се надмине себеси и го поддржи прелогот на ВМРО-ДПМНЕ за зголемување на платите во јавниот сектор

Водени од реалните потреби на вработените во јавниот сектор, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ во Собранието поднесоа предлог закон за зголемување на платите во јавниот сектор за 5 отсто, истакна Зекир Рамчиловиќ, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, кој најпрво го честиташе големиот празник 2-ри Август – Илинден.

„Овој закон предвидува зголемување на платите во јавниот сектор за 5 отсто во 2018 година и дополнително зголемување од 5 отсто во 2020 година. Со овој предлог закон се предвидува зголемување на платите на вработени во државната и јавната администрација, значи здравство, образование, полиција, војска и јавни претпријатија. Истиот закон претставува изборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ и претставува реална потреба за вработените. ВМРО-ДПМНЕ изразува задоволство што овој закон помина на Собраниската Комисија за труд и социјална политика каде што доби поддршка и од пратеници кои не се дел од нашата коалиција, и тоа е еден позитивен момент кој не охрабрува дополнително дека овој закон може и секако би требало да биде усвоен од страна на парламентот, што би довело до крајната цел до зголемување на платите во јавниот сектор“, подвлече Рамчиловиќ.

Предлог законот, додаде тој, наскоро ќе се најде и на Собраниска седница и ВМРО-ДПМНЕ искрено се надева дека СДС ќе се надмине себе си и партиските интереси и ќе даде поддршка за истиот.

„Овој закон за зголемување на платите е реален и остварлив. Буџетот е во добра состојба, проекциите за идната година исто така говорат дека може да се обезбеди квантумот на средства за зголемување на платите, и тоа би довело до поголем број на позитивни ефекти, односно ќе се зголеми стандардот на семејствата, ќе се зголеми можноста за јавна потрошувачка што би имало позитивни влијанија и врз другите сектори. ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш изразува искрена надеж дека овој закон ќе наиде на поддршка од сите политички партии во Собранието, бидејќи секако е за добро за сите вработени во јавниот сектор и ќе значи и мотивација за реално зголемување и на платите во приватниот сектор“, заклучи Рамчиловиќ.