Ранети во експлозија во Лондон

Британската полиција соопшти во вторникот вечерта дека „мал број луѓе“ добиваат лекарска помош, откако дошло до „помала експлозија“ во станицата од подземната железница во северен Лондон за којашто смета дека веројатно не станува збор за тероризам.

Полицијата ја затворила станицата „Саутгејт“ и соопшти дека полицајците се занимаваат со сомнителен пакет. Соопшти и дека не знаат дека има тешко повредени еден час откако е известено за инцидентот.

Британската полиција соопшти и дека експлозијата веројатно не е поврзана со тероризам, но дека истрагата продолжува.

На социјалните мрежи жители од соседството на местото на експлозијата известуваат дека се евакуирани од нивните домови, а на други им е кажано да останат во рестораните и продавниците во коишто се нашле во моментот.