Рангелова до Жерновски: Деца во Центар ги чуваат лица без договор за работа и без одговорност

Дали имате во основните училишта воспитувачки кои ги чуваат децата, а работат на црно, немаат никаков договор, па дури ни волонтерски. Ова прашање советничката Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ  му го постави на градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски.
Таа ова прашање го имаше поставено и на претходни седници, но не доби одговор. Образложи дека има информации дека четири жени чуваат деца во дневен престој, а немаат никаков договор.

„Ова беше една од точките кои ги дискутиравме на еден дневен ред. Тогаш пристапивме кон санирање на состојбата која вие ја посочивте. Во рок од 5 дена ја испитавме состојбата, го решивме проблемот до крајот на годината. За тие места немавме согласност за нови вработувања. Ми се допадна што вие искажавте желба и волја заедно да го решиме овој проблем, но не дојдовте на состанокот“, и одговори Жерновски на Рангелова.

Тој рече дека поканата до советничката група да го решат проблемот, се уште важи. Овие случаи се проблематични, рече тој.

Рангелова остро му возврати на Жерновски дека не е вистина она што тој го кажува. Вели дека не побарала да учествува во процесот, бидејќи таа не е вработена во Центар. За состанокот била контактирана само преку порака, а рече дека ќе присуствува на секој сотанок кој е за добро на децата и граѓаните од Центар.

Од секторот за образование во Центар рекоа дека четири наставнички биле со нерешен статус. Биле исплатени до 31-ви декември.

„Како наша обврска остана да ги пријавиме, но немавме повратен одговор од МОН.Поднесовме барања, но не добивме согласност. И понатаму ќе разговарам со министерствата, очекувам да најдеме начин да ги вработиме и исплатиме. Сега се само две, една во Песталоци и една во Гоце Делчев“, рекоа од службата.

Рангелова одговори на двете излагања.

„Ниту сте ме повикале, ниту се договоривме. Јас сакам да има соработка меѓу нас. Велите ги исплативте наставниците, но врз основа на кој договор ги исплативте, им дадовте ли пари на рака? МОН нема обврски да обезбеди финансиска согласност за дневен престој. Рековте ќе најдете начин од средствата на општината да ги исплатите. Сметате ли дека жени треба да ни ги чуваат децата без никаква одговорност? Одговорност има вработен со договор. Мирно спиете градоначалнику, а знаете дека тоа не е регулирано. Подоблесно е да излезете пред родителите и да им кажете дека овој проблем не сте го решиле“, рече Рангелова.

Таа го праша градоначалникот „Како мирно спиете? Велите се трудите? Како се трудите? Тие лица немаат одговорност, сметате дека е регуларно?“

Рангелова побара да ги види договорите за исплата на жените кои незаконски чувале деца во основни училишта во Центар.