Рангелова: Шекеринска да ја каже вистината за скандалот со нејзината братучетка

Радмила Шекеринска не најде за причина да даде одговор на јавноста за бизнисите на нејзината братучеда, но затоа, дрско и арогантно, со потценување на интелегенцијата на граѓаните се правда со тоа што ги повикува нејзините роднини да се иселат од државата, вели Даниела Рангелова, претседател на  Унија на жени на ВМРО ДПМНЕ откако вчера беше обелоденето дека братучетката на Шекеринска, Иска Петровска без тендер добила зделка од Секретаријата за европски прашања вредена над 820 илјади денари.

„Искра Петровска, братучетка на Радмила Шекеринска си добила бизнис од меѓународниот секретар на СДСМ, Јован Деспотовски. Деспотовски според овој документ, како вработен во Секретаријатот  за европски прашања бил единствен одговорен да располага со парите кои Република Македонија ги добила како донација од Кралството Норвешка. Јован Деспотовски на братучетката на Радмила Шекеринска и доделил бизнис, без тендер од најмалку 820.923 денари од СЕП. Тоа е видливо од вториот документ, писмо од фирмата на Искра Петровска, братучеда на Шекеринска, до Секретаријатот за европски прашања“, вели Рангелова.

Деспотовски, како што тврди Рангелова, е вработен во СЕП токму од Шекеринска.

„На овој начин СДСМ преку своите инсталации во државните органи ги користат парите кои ги добива Република Македонија како донации од други земји за доделување на бизниси на членови на високото раководство во СДСМ. Би сакале да прашаме за што се користени овие средства? Дали за богатење на фамилијата на Шекеринска или за нејзино лично богатење? Дали се користат овие пари, од странска помош за Република Македонија, за финансирање на активности на СДСМ или за финансирање на активности на лажните невладини организации, како Плоштад Слобода и Распеани Скопјани, каде е пак водач е другиот братучед на Шеќеринска?“, вели Рангелова.