Рангирањето на Херитиџ фондацијата е валоризирање на напорите на Македонија

Напорите што Македонија ги правеше во минатиот период се валоризираат во извештајот на Херитиџ фондацијата за слободата на економијата каде од 2006 година досега има сериозен скок за цели 35 места, оцени премиерот Никола Груевски.

„Македонија е пласирана на 43 место од вкупно над 180 држави, што е подобро од која била земја во регионот, но и подобро од 13 земји-членки на ЕУ, како што се Франција, Италија, Шпанија, Полска, Унгарија и поголем број други држави кои долг период се членки на ЕУ, а сепак Херитиџ фондацијата наоѓа дека Македонија е многу подобро рангирана, односно има многу подобри услови во тој правец за слобода на економијата“, изјави премиерот одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на нова поставка во Музејот на македонската борба.

Извештајот мери четири области со по 10 индикатори, а важно според премиерот, е тоа што Македонија во многу бележи напредок и тоа е валоризација на она што се работеше во изминатиот период.

„Напредок има во многу полиња. Се мерат повеќе индикатори, се мери индикаторот монетарна слобода, индикаторот слобода на тргување, се мери индикаторот на владеење на право и повеќе други индикатори што укажува дека Македонија е одлично пласирана и има одлични услови за правење бизнис“, рече Груевски и додаде дека ова е различен индекс од оној што се мери во Дуинг бизнис