Рано откривање на аномалии кај фетус

На Клиниката за радиологија отсега ќе се врши и магнетна резонанса на фетуси, метода која е една од новите сто предвидени реформи во здравството и која ќе овозможи рано дијагностицирање на евентуални аномалии кај плодот.

Директорката на Универзитетската Клиника за радиологија, проф. др. Надица Митреска потенцира дека методата воопшто не е опасна по здравјето на фетусот и мајката и додава дека со истата ќе биде овозможено рана дијагноза на евентуални аномалии кај плодот.

-Ова е една ефетивна, сензитивна и специфична метода која дава позитивни резултати. Со неа ќе биде овозможено рано откривање на аномалии на мозокот, на градниот кош, на органите во градниот кош, на вратот и лицето, на абодеменот, цисти, тумори, промени кај бубрезите, или пак промени во плацентата. Методата е неопасна за мајката и фетусот, нема никакви контраиндикации и дава брза и точна дијагноза, вели Митреска.

Таа додава дека методата не е рутинска и е наменета за трудници кои за ваков вид преглед ќе имаат препорака од специјалист гинеколог.

Митреска потенцира дека Клиниката е отворена за вакви случаи и додава дека досега кај нас се сработени петнаесет магнетни резонанси кај фетус.

-Кај шест од нив поставена е конкретна дијагноза, а во останатите девет случаи е утврдено дека развојот на плодот е уреден, вели таа.

За оваа цел доктор Јасмина Јошева од Клинката за радиологија два месеци била на обука во Роналд Реган болницата во Лос Анџелес и присуствувала на 150 случаи на магнетна резонанса кај фетус.

На трудниците кои ќе бидат подложени на овој преглед од специјалистот ќе им биде даден приоритетен упат и ќе се третираат како итни случаи.

Магнетната резонанса на фетусот може да се направи откако трудницата ќе влезе во 21. недела од бременоста.

Ако се утврди аномалија кај фетусот, или пак се констатира бременост опасна по животот на мајката или бебето, трудницата е онаа која ќе ја донесе крајната одлука дали ќе ја прекине бременоста. Радиолозите и гинеколозите можат само да дадат совети и сугестија.

Имено, на Клиниката за радиологија набрзо е предвидено да биде овозможено и снимање на тенкото и дебелото црево со магнетна резонанса.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.