Раскол меѓу опозиционерите во Центар

Жестока расправа ја одбележува денешната седница во општина Центар. Несогласување меѓу ставовите на советниците од опозицијата со претседавачот Шиповиќ кој е од нивните редови, прерасна во вистински раскол, пишува Курит. Претседавачот Мирослав Шиповиќ на дневен ред повторно ги стави двата Детални урбанистички планови за Тасино чешмиче и Градски четврт.

Уште при усвојување на дневниот ред, се судрија ставовите во опозициските редови. Шиповиќ побара расправата да се води за двете точки наеднаш, што беше поддржано само од советниците на ВМРО-ДПМНЕ, а оние од СДСМ гласаа против.

Градоначалникот Жерновски ја бранеше својата одлука да не се објавуваат донесените одлуки од минатата седница обвинувајќи дека не се испочитувани законите при гласањето за овие две точки. Шиповиќ му реплицираше обвинувајќи го дека не ја говори вистината и дека одлуките се законски.

Шиповиќ не им дозволи на советниците од СДСМ да прават паралели за почитувањето на законите и носењето на одлуките во другите институции, со начинот на работа во Центар.

Секој советник од СДСМ кој побара збор, го критикуваше начинот на работа на Шиповиќ, укажувајќи му на одредени грешки кои тој според нив ги прави во својата работа, како на пример тоа што дозволува да се говори и за други теми.

Советниците на ВМРО-ДПМНЕ го обвинија Жерновски дека ги заплашува граѓаните, кога вели дека градбите на Водно се ризик за нивниот живот.Инаку, на минатата седница советниците на ВМРО-ДПМНЕ поддржани од Шиповиќ гласаа откако
опозициските советници ја напуштија седницата.

Расправата во Центар се уште трае, а начинот на гласање е се уште неизвесен.