Раскол, викотници и на работ до тепачка викендов во СДСМ

Во напната атмосфера, со расправии кои за малку ќе станеле тепачки поминал состанокот на раководството во СДСМ изминатиот викенд на кој, како што и претходно најави претседателот на партијата Зоран Заев, требало да се избираат персоналани решенија за министри и заменици министри кои согласно договорот од Пржино СДСМ треба да ги делегира, пишува порталот Журнал.

Од состанок за именување на функционери собирот се претворил во жестока кавга, лични препирки и дофрлања за неуспесите. Како што дознава Журнал, покрај пцовки, имало дури и закани за физичка пресметка. Од една страна, слепите подржувачи на Заев од струмичкото крило, од друга страна функционерите со подолг партиски стаж во СДСМ. Едните отворено ги поддржале позициите на Заев во преговорите, како и за ретерирање во претходно искажаните позиции на СДСМ, а другите ова го оцениле како предавнички потег со кој Заев свесно ја втурнува СДСМ во улога на негов личен заштитник.

Исто така, тие додавале дека СДСМ не смее од државотворна партија да прерасне во приватен бизнис и клика на Заев и неговите слепи поддржувачи. Според нашите извори, Заев излегол со предлози за државните позиции на кои освен неговите најблиски соработници се наоѓале и негови блиски роднини и бизнис пријатели. Таквите предлози ги правдал со тезите дека станувало збор за стручни и лојални луѓе, на што му било одговорено дека тој со тоа признава дека партијата ја претворил во лична своевина и дека на останатите не им верува, како и дека СДСМ треба да се отвора се повеќе со други кадри. Заев тоа не го прифатил.

Предложената листа на Заев предизвикала потсмев кај дел од скопското крило, а незадоволството кулминирало кога Заев гласно викајќи истакнал дека тој е претседател и тој има дискреционо право сам да одлучува кои ќе бидат предлозите. На ова реагирал еден од најистакнатите постари членови на СДСМ, кој истакнал дека не може оваа партија да се води од лудоста на еден човек и дека со вакво однесување СДСМ губи кај гласачите, пишува Журнал.

Било забележано дека наместо да понудат квалитет, тие нудат листа на лојални бизнис и лични пријатели и роднини на Заев. Еден од најистакнатите членови додал дека на таков начин не се води ниту мал бизнис, а камоли голема партија и дека СДСМ не бил паднат пониско од ова сега. Кон ова се приклучиле и повеќе останати партиски членови присутни на состанокот, кои му рекле дека СДСМ на овој начин сигурно ќе ги загуби изборите и дека не може да се дозволи партијата што со години е градена, Заев да ја злоупотребува и растура, по што Заев демонстративно го напуштил состанокот.

Од СДСМ досега не е потврдена ниту демантирана ваквата информација, а она што со сигурност се знае е дека Заев иако вети овој викенд не излезе со дефинитивен список на предложени решенија за министри и нивни заменици.