Раскол зачинет со политика во Автомобилистичката федерација на Македонија

Само по неполна седмица од наводното „средување“ на работите во Автомобилистичката федерација на Македонија, нов раскол и проблеми се случуваат во ова тело.

Имено, минатиот викенд, на вонредно собрание се собраа девет автомобилистички кубови од Македонија и си избраа свој в.д. претседател, откако кандидатот за прв човек на ова тело се повлече. Како вршител на должноста нов претседател на Автомобилистичката федерација на Македонија, едногласно беше избран Виктор Давидовски, а за генерален секретар беше избран Александар Димушевски.

Но, денеска со соопштение до јавноста се јави Автомобилистичката федерација на Македонија. Нивното обраќање до јавноста ви го пренесуваме во целост:

Во некои медиуми како и на социјалните мрежи, деновиве се пласираше информација дека на вонредно собрание на АФМ се избрани нов претседател, генерален секретар и нови органи на федерацијата.

По тој повод Ви ја доставуваме следната информација, односно демант:

Станува збор за апсолутно нелегално Собрание свикано од клубови и физички лица кои не се членови на АФМ !!!Некои од нив биле членови во минатото (до 2009 година), меѓутоа се исклучени поради неподмирување на своите статутарни обврски, односно неплаќање на чланарина, како и нарушување на угледот на АФМ.

1. За истото е известен Централниот регистар на РМ, каде што е појаснето дека АФМ НЕМА одржано собрание, нема промена во раководните структури и дека секој обид за промена на регистрацијата на АФМ ќе биде криминална и противзаконита.
Побарано е од Централниот регистар евентуалното барање да биде одбиено.
Укажавме дека е тоа обид за формирање на паралелна федерација што е апсолутно спротивно на Законите на РМ.

2. Особено сме изненадени од поддршката добиена од Агенцијата за млади и спорт !!!

Ако некој ги знае и треба да ги почитува законите, тоа е АМС. Несфатливи ни се причините зошто Агенцијата наместо подршка на Федерацијата, подржува и потикнува организирање и формирање на паралелен орган на федерацијата?!?!

Изненадува што Градоначалникот на Центар и АМС даваа поддршка на истата група на луѓе и клубови кои се појавија како организатори на катастрофалниот кружен натпревар во Скопје, за кој сите знаеме како заврши.

Заврши со тешко повредени лица, беше под секое техничко и безбедносно ниво на организација, нешто на кое што од АФМ беше укажано десетина дена пред одржувањето, но ниту АМС, ниту МВР и СВР Скопје не го прифатија сериозно.

Наместо да сносат КРИВИЧНА одговорност, дел од организаторите дури се назначени на раководни места на таа квази организација !!!

Се надеваме дека во иднина подршката ќе ја добие АФМ, како единствено и највисоко спортско тело за автомобилизмот во РМ.

Пред само пет дена, пак, беше објавено дека извесен Иницијативен одбор за промени во Автомобилистичката федерација на Македонија на одвоена седница на Собранието го собра мнозинството клубови кои имаат решение за дејност бавење со спорт, по што беа именувани нови лица на раководните функции, како и во Управниот одбор.

Оваа седница на собранието претходеше по согласноста на Агенцијата за млади и спорт да застане на страна на деветте клуба кои се надвор од федерацијата и не можат да се вклучат во системот на натпревари, додека во АФМ постоеја шест клуба кои немаа возачи и активности на домашен план, поради што авто-спортот беше во своевидно замирање.

Од минатата година, АФМ го прими АКК Стефановски, тимот на Игор Стефановски – Иџе, кој се формираше наменски за неговите настапи во Европскиот туринг куп за автомобили, со што бројот на клубови во АФМ беше зголемен на седум.
Деветте клуба кои го свикаа денешното собрание покажаа голема сплотеност и желба за надминување на состојбата.

Седницата на Собранието траеше 34 минути, при што речиси сите одлуки беа донесени едногласно, со 9 гласа „за”. На собранието присуствуваше и претставник од Агенцијата за млади и спорт.

Кандидат за претседател беше Д-р Кристијан Дума, кој присуствуваше на седницата и се заблагодари на укажаната чест, но поради најавени нови ангажмани одлучи да се повлече.

Во оваа ситуација, како вршител на должноста Претседател на АФМ беше предложен Виктор Давидовски, до именување на нов кој ќе биде долгорочно решение и ќе помогне авто спортот да се врати на славните патеки.

Нов генерален секретар е Александар Димушевски – Вуле, поранешен возач и организатор на најголемиот број трки во блиското минато.

Во Управниот одбор се именувани претставници од сите клубови. Клубовите кои до сега беа во АФМ не се појавија на оваа седница на Вонредното собрание организирано од Инцијативниот одбор, што фрла дамка на понудената рака за единство меѓу сите клубови.