Спорт

Расмунсен е нов член на стручниот штаб на ЖРК Вардар

Расмунсен е нов член на стручниот штаб на ЖРК Вардар

Во новата година, екипата на ЖРК Вардар почна со новина, ангажирањето на Данецот Ким Расмусен како нов член во стручниот штаб на вардарки, односно на позицијата тренер-консултант. Актуелниот селектор на репрезентацијата на Полска, кој четири години е на таа позиција сега ќе работи заедно со Индира Кастратовиќ на подготовката на екипата. Расмусен има потпишано 2,5 годишен договор со ЖРК Вардар.

“Среќен сум што сум тука во Скопје и сум дел од оваа организација. Со нетрпение очекувам да почнеме со Индира да соработуваме и да го водиме тимот и да постигнеме добри резултати. Го следев Вардар последните две години, го знам тимот и местата каде ќе треба да подобриме, имам нови идеи и погледи. Сигурен сум дека ќе го искористиме заедничкото знаење, и знам каде треба да се насочиме”, изјави Ким Расмусен.

Тренерот Индира Кастратовиќ најави дека ќе секојдневно ќе црпи информации од својот нов соработник, и ќе се обиде максимално да го искористи неговото присуство во Скопје.

“Сакам да му посакам добредојде во Македонија, и очекувам брзо да се вклопи. Денеска почнуваме со подготовки, на 8 јануари патуваме за Унгарија, каде ќе бидеме на 10 дневни подготовки и почнуваме да се концентрираме за мечот со Лајпциг, во Лигата на шампионите. Не можеме се уште да сметаме на Бегоња Фернандез, а Тања Хмирова на крај на јануари би требало да се приклучи и да тренира со нас”, вели Кастратовиќ.

Претседателот на клубот, Гордана Нацева очекува со доаѓањето на Расмусен да се вметнат и нови идеи, особено што данскиот ракомет постојано и во континуитет има добри резултати

“Расмусен е на позиција тренер- консултант, а Индира останува прв тренер. Заеднички ќе се подготвуваат на тренинзите и за натпреварите. Драго ми е што доаѓа стручњак од Данска, школа што ја респектираме, и ќе вметне некои нови идеи, особено што данскиот ракомет постојано има добри резултати”.