Расмусен: Русија да ја повлече војската од границата на Украина

Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен ја повика Русија да ја повлече својата армија од границата со Украина и да ја прекине поддршката на проруските сепаратисти во соседната држава, пишува Дојче Веле.

„Алијансата не е во состојба да ги потврди уверувањата на рускиот претседател Владимир Путин дека војниците се повлечени од украинската граница, посочи Расмусен по средбата со полските министри за надворешни работи и за одбрана во Варшава.

Расмусен ја повика Русија „да се придржува до меѓународните ангажмани“ да ја запре поддршката за сепаратистите во Украина и да ја повлече армијата „за да може да се изнајде политичко решение“ на украинската криза.

Генералниот секретар на НАТО најави и интензивирање на воените вежби во регионот, разгледување на одбранбените планови и распоредување на војници.

Рускиот претседател Владимир Путин, пак, оцени дека кризата во Украина може да заврши, ако Киев ги прекине военитe операции во источниот дел на земјата по одложувањето на најавениот референдум за независност на т.н. Доњецка народна република.

Вчера Путин повика за одложување на референдумот. Проруските сепаратисти во Источна Украина, најавија дека утре ќе разговараат за предлогот.

Ако проруските сепаратисти го послушаат повикот на Путин за одложување на референдумот и ако Киев ги прекине сите воени операции и преземе чекори за започнување на дијалог, тоа може да ја извади Украина од сегашната ситуација, изјави портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.

Украинскиот премиер Арсениј Јацењук го нарече „глупост за која нема основа да се зборува“ апелот на рускиот претседател Путин за одложување на референдумот за независност на таканаречената Доњецка народна република.

Тој наведе дека Путин треба „да е информиран дека никаков референдум не е предвиден во Украина на 11 мај“.