Распишан оглас за изградба на секундарна и терцијална гасоводна мрежа

оглас

Владата распиша оглас за изградба на секундарна и терцијална гасоводна мрежа преку јавно-приватно партнерство за Скопскиот, Западниот и Источниот регион. Вкупната проценета вредност за изградба на оваа гасоводна мрежа е околу 150 милиони евра.

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски денеска на прес-конференција појасни дека ќе бидат опфатени сите 17 општини во Скопскиот регион, 36-те општини во Источниот регион и 26-те општини во Западниот регион.

Со ова започнува процесот на секундарна и терцијална гасификација односно паралелно со изградбата на примарната гасоводна мрежа ќе се работи и на изградба на систем со кој директно ќе се поврзат крајните корисници – државните институции, компаниите и граѓаните на Република Македонија, истакна вицепремиерот Пешевски.

Огласите се веќе објавени во  Службен весник и на страницата на Бирото за јавни набавки, а од утре ќе бидат објавени и во јавните гласила во Република Македонија и во „Фајненшл Тајмс“.

За разлика од претходните огласи, во овој оглас има неколку суштински разлики како од технички аспект, така и во однос на тоа дека периодот на концесија е продолжен од 20 на 30 години, а и приклучокот којшто треба да го субвенционира Владата е намален за дваесетина проценти.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.