Распишана меѓународна потеринца за Грујовски и Бошковски

Судот, по барање на МВР,  согласно законските надлежности, распиша меѓународна потерница за Горан Грујовски и Никола Бошковски, обвинети во случаите „Таргет“ и „Тврдина“.

МВР денеска информира дека потерницата е распишана со оглед на тоа дека двајцата обвинети не биле пронајдени на адресите кои се пријавени како места на живеење, како и на повеќе локации во Македонија, за кои имало оперативни сознанија дека осомничените ги користат за криење.

– Вчера, во 21 часот, Апелацискиот суд во Скопје до Министерството за внатрешни работи достави наредби за спроведување на Г. Г. и Н. Б. во Истражниот затвор Скопје. Иако телефонски Судот во 17 часот го извести МВР дека ќе бидат испратени наредбите, тоа се случи дури во 21 часот, кога МВР можеше да постапи согласно своите законски овластувања. Веднаш беше распишана национална потерница со која се спроведоа активности за приведување на осомничените. Tимовите на Министерството извршија проверка на објектите на адресите кои се пријавени како места на живеење на осомничените и проверки на повеќе локации на територијата на Република Македонија, поточно во Скопје, Велес и Охрид, за кои имаше оперативни сознанија дека осомничените ги користат за криење. Со оглед на тоа дека не беа пронајдени, согласно законските надлежности, побара од Судот согласност за распишување на меѓународна потерница и по наредба на Судот веќе е распишана меѓународна потерница за Г.Г. и Н.Б., се наведува во соопштението од МВР.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.