Уште една недела трае огласот за гасоводот на Скопје

Владата на Република Македонија распиша оглас за јавно-приватно партнерство за изградба на гасификационен систем за скопскиот регион.

Според огласот, приватниот партнер ќе има обврска да ја изгради дистрибутивната мрежа до крајните потрошувачи, вклучувајќи ја и опремата за мерење на регулацијата. Приватниот партнер ќе треба да врши дистрибуција на гас, да управува со системот за дистрибуција на природен гас, да го одржува и развива дистрибутивниот систем и да инвестира во адаптација и набавка на опрема за производство на топлинска енергија кај постоечките објекти.

Во огласот се наведува дека предметот на јавно-приватното партнерство е за Регион 1, скопскиот регион кој го сочинуваат општините Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Чаир, Центар, Шуто Оризари, Сопиште, Студеничани, Зелениково, Петровец, Арачиново, Илинден и Чучер-Сандево.

Заинтересираните приватни компании своите понуди треба да ги достават до Владата на Република Македонија до 12 часот на 26 јуни 2014 година.