Распишан оглас за генерален конзул во Минхен

Владата на Р.Македонија продолжува со политиките за вработување на висококвалитетни кадри во државната управа. Објавен е јавен повик за пројавување на интерес за ангажман на 4 раководни функции и тоа две високо раководни позиции од страна на Владата и две од Агенцијата за привлекување на странски инвестиции и промоција на извозот.

Огласот на Владата се однесува на избор на директор за Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и генерален конзул од Македонија за Минхен, Германија. Сите заинтересирани кандидати кои ги исполнуваат условите ќе можат да се пријавуваат од денеска до 27 декември.

Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев истакна дека позицијата директор за Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој е една од најзначајните позиции во областа на земјоделството и општо за државниот систем зошто преку оваа Агенција се вршат сериозни сервисирања на потребите на земјоделците, поддршка на земјоделството и реализација на многу проекти. Токму затоа посочи тој дека масовноста на овие огласи не е толку важна колку што е важно да се изберат квалитетни кадари.

-Сите лица кои имаат амбиција да аплицираат за оваа позиција треба да имаат завршено високо образование и да имаат петгодишно работно искуство, а ќе се смета за предност доколку имаат работно искуство токму од областа на земјоделието , економијата, правото, да имаат менаџерски способности и останати квалификации кои што се потребни за извршување на една ваква одговорна позиција, истакна Ѓорѓиев.

За аплицирање на втората позиција од овој оглас генерален конзул на Р.Македонија во Минхен, Германија кандидатите треба да исполнуваат неколку поврзани критериуми и тоа треба да имаат завршено високо образование, одлично познавање на англискит јазик кое ќе биде потвредено со соодветен сертификат, а треба да имаат познавање и од германскиот јазик.

Другиот оглас за 2 раководни позиции од Агенцијата за привлекување на странски инвестии се еден економски промотор за Шангај, Р.Кина и еден економски промотор за Монтреал, Канада. Овој оглас ќе трае до 20 декември.

Заинтересираните кандидати кои сакаат да аплицираат за позициите економски промотори покрај високото образование, треба да имаат одлично познавање на англискиот јазик и да го познаваат јазикот на земјата каде што ќе бидат испратени да ги извршуваат функциите како и да имаат и двегодишно работно искуство.