Распишан оглас за самовработување на 960 лица

За три години во Македонија преку мерките за самовработување кои ги спроведува Агенцијата за вработување, заедно со Министерството за труд и социјална политика и УНДП, вработени се 5.800 лица, односно повеќе од 70 отсто од формираните мали фирми кои денеска работат со добивка.

АВРМ го распиша и годинешниот оглас, кој ќе трае до 10 март, а според кој свои бизниси и проширување на истите ќе можат да добијат 960 лица.

Според министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, со мерките за самовработување акцент се става на младите лица до 29 години. Спасов додаде дека со откако лицата со најдобри проекти ќе бидат избрани, истите ќе посетуваат соодветни обуки, како и ќе добиваат помош, за нивната идеја да ја претворат во успешен бизнис.

„Поконкретно целта на програмата е да се поддржат невработените лица во основање на сопствена фирма, формализирање на веќе постојна (неформална) дејност, и во создавање на дополнителни вработувања. Програмата за самовработување вклучува обука за претприемништво, помош при развивање одржлив бизнис-план и регистрирање на дејност, неповратни грантови во форма на опрема и материјали, и менторство во време на започнување на бизнисот, со опфат на 960 невработените лица од евиденцијата на Агенцијата за вработување на Република Македонија на активни баратели на работа“, изјави Спасов.

Финансиската поддршка опфаќа: експертска поддршка во форма на обука за претприемништвото и водење на бизнис, ваучер систем за изработка на бизнис план и поддршка при регистрирање на бизнисите во висина од 16.600,00 денари; финансиска и советодавна поддршка за набавка на опрема и/или репроматеријали во висина од 185.000,00 денари;
финансиска и советодавна поддршка за набавка на опрема и/или репроматеријали во висина од 240.400,00 денари за најуспешните 32 кандидати кои ќе презентираат одржливи и иновативни бизнис-планови и согласно со критериумите за евалвација се оценети за бизниси кои имаат најголем потенцијал за раст; финансиска поддршка за дополнително вработено лице за 60 фирми корисници во вид на опрема и/или материјали во износ од 92.000,00 денари за кандидати кои ќе презентираат одржлив бизнис план, кој јасно укажува на потреба од вработување на уште 1 (едно) лице за успешно функционирање на бизнисот, но и преку економски и финансиски параметри ја потврдува одржливоста на дополнителното вработување; најуспешните 5 (пет) кандидати кои се од областа на занаетчиската дејност и аплицирале во центарот за вработување на град Скопје ќе добијат дополнителна поддршка за обезбедување на деловни простории со платен закуп и сметководствени услуги за првата година од основањето на правниот субјект. Вкупниот грант за овие занаетчии ќе изнесува 320.000 денари; дополнителна советодавна поддршка по регистрацијата на бизнисот

10984047_379483802239237_610168263853398106_n

Претставникот на УНДП, Луиса Витон, истакна дека е задоволна како се спроведува овој проект изминатите осум години, преку кој се вработиле 6.700 лица, од кои денеска активно работат 5.800 лица.

„Интересно е да се знае дека од оваа бројка од 6.700 невработени лица, една третина се млади лица и една третина се жени. Минатата година се отворени 940 нови фирми што претставува 14 отсто од вкупниот број на отворени нови бизниси. И оваа година ќе продолжиме со спроведување на овој проект во кој се планирани отворање на 960 нови бизниси“, рече Витон.

Директорот на АВРМ, Влатко Поповски, истакна дека 73 отсто од отворените мали бизниси се денеска активни фирми и ги охрабри сите невработени кои имаат добра идеја истата да ја искористат и претворат во успешен бизнис од кој ќе обезбедуваат егзистенција за себе. Тој додаде дека, сите оние кои нема да бидат избрани во првиот круг, да не губат надеж, бидејќи со доработка на нивниот план имаат шанса да аплицираат во вториот круг.

Невработените, кои имаат одредени нејаснотии околу тоа на кој начин можат да аплицираат, како и фирмите кои сакаат преку оваа мерка да го зголемат бројот на своите вработени, можат да се обратат во 30-те центри на АВРМ низ Македонија, како и 15-те канцеларии.

Од Буџетот на Владата на Република Македонија за оваа програма се одвоени 202 милиони денари, од кои 60 илјади се наменети за млади лица до 29 години.