Распишан оглас за субвенционирани вински продавници

Од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денеска инфомираа дека е објавен јавниот повик за доставување барања за користење средства од годинашната Програма за финансиска поддршка на руралниот развој наменети за отворање специјализирани продавници за вино по потекло од Република Македонија.

Две унифицирани и специјализирани продавници во кои ќе се продава македонско вино ќе бидат отворени во Скопје и по една во Охрид, Берово, Кавадарци, Струмица, Прилеп, Битола и Крушево.

– Со мерката се воспоставува и корпоративен и бренд идентитет на специјализираните продавници во кои ќе се продаваат македонски вина. Со тоа се унифицира и специфицира бренд логото во македонска и англиска верзија, пакувањето на продадените вина, работната облека на вработените во продавницата, излогот на продавницата и целосното ентериерно решение на продавниците, соопшти Агенцијата.

Отварањето на овие унифицирани и специјализирани продавници за продажба на вино ќе овозможи зголемена достапност на македонските вина до домашните и странските потрошувачи.

Финансиската поддршка се исплаќа по принцип на кофинансирање на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина од 50 отсто од направените трошоци за опремување на продавницата со исклучок на инвестициите за помошни и санитарни простории, но не повеќе од 1.500.000 денари, 50 проценти од износот на годишнината закупнина, но не повеќе од 30.000 денари месечно и најмногу две просечни плати во дејноста за две лица вработени за продажба на вино во продавницата

Доделената финансиска поддршка е неповратна.

Право на користење на средства имаат правни лица регистрирани согласно Законот за трговски друштва, Законот за угостителство и кои ќе ги исполнат условите согласно Законот за трговија при започнување на вршење на дејноста односно ке поседуваат дозвола за вршење дејност промет со алкохолни пијалоци.

Крајниот рокот за аплицирање е 30 ноември 2014. Барањата доставени по неговото завршување нема да бидат разгледувани.