Македонија,Економија

Распишан огласот за рехабилитација и реконструкција на железничките станици

Распишан огласот за рехабилитација и реконструкција на железничките станици

Денеска започнува реализацијата на проектот за рехабилитација, надградба и реконструкција на железничките станици долж пан-европскиот коридор 10, вклучувајќи го и кракот 10-д во Македонија, согласно најдобрите практити во Европската Унија. За таа цел на интернет-страницата на Европската Комисија е објавен оглас со кои се бараат компании кои директно ќе го имплементираат проектот.

Целта на проектот е подобрување на целокупниот квалитет на услугите за патниците и карго-превозот, зголемувајќи ги техничките стандарди и капацитети на 10 железнички станици кои се лоцирани на коридорот 10 и кракот 10-д во Македонија. За оваа цел, предвидено е реновирање и надоградба на сите главни елементи на железничките станици, како што се водоводната и електричната инсталација – вклучувајќи ги и внатрешното и надворешното осветлување, санитариите, инсталација на системи за греење и ладење, системи за противпожарна заштита, патнички информативен систем, како и подобрување на пристапноста за товарен транспорт и достапност и поврзување со патниот транспорт (јавен и индивидуален).

Посебно внимание при реализирањето на овој проект ќе се обрати на подобрувањето на пристапноста за лицата со намалена подвижност.

Во рамките на проектот, меѓу останатото ќе бидат целосно заменети крововите, подовите, ќе се санираат фасадите и внатрешните ѕидови, ќе биде поставена нова термичка изолација и ќе се изградат нови тоалети кои ќе бидат посебно оспособени за користење и од страна на инвалидизирани лица. На платото пред влезот во железничките станици од страна на улицата се предвидува рампа за непречен пристап, а поради сигурност платото е предвидено да се поплочува со тактилна предупредувачка лента по рабовите.

Со проектот за рехабилитација, надградба и реконструкција ќе бидат опфатени железничките станици во Велес, Прилеп, Битола, Гевгелија, Богомила, Чашка, Табановце, Демир Капија, Градско и Неготино – Вардар.

Краен рок за поднесување на понудите на заинтересираните компании e 30 Септември 2014 до 12.00 часот.