Расправа за предвремен престанок на мандатот на Комисијата за лустрација

Со измените, опозициските пратеници бараат рокот на постоење на комисијата да се намали од две на една година од отпочнувањето со примената на Законот.

Горан Сугарески од СДСМ, во текот на вчерашниот ден од расправата по измените, за кои ќе се гласа по завршувањето на расправата по Предлог-законот за дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2016 година, рече дека СДСМ смета оти Комисијата за лустрација веќе не треба да постои, а парите треба да се пренасочат, поради тоа што таа не ја извршила функцијата за која била формирана.

Неговите колеги од опозицијата, истакнаа дека барањето за престанок на мандатот на лустрацијата е произлезно од тоа што законот и комисијата, како што рекоа, се користеле како алатка на власта за притисок и пресметка со политички неистомисленици…

Во образложението пратениците од опозицијата истакнуваат дека со досегашната работа на комисијата не се постигнала целта на Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност, односно постапките кои биле започнати пред комисијата биле селективни и делумно врз основа на несоодветни и недоволни докази и аргументи.

Пратениците од владејачкото мнозинство потсетија дека процесот на лустрација е запрен, но оти Комисијата има обврска да ги заврши отворените предмети.

Димитар Стевананџија ги запраша своите колеги од опозицијата како би се чувствувале тие доклку биле во кожата на жртвите на кодошење или на нивните семејства. Не може, рече тој, лицата кои кодошеле сега да ги прикажувате како жртви, ако тие напредувале на грбот на оние кои ги кодошеле и кои навистина биле жртви.

Неговиот сопартиец Трајко Димков истакна дека жртви станувале лица и за една испеана македонска патриотска песна, додека кодошите, како што рече, напредувале во своите кариери и овозможувале подобар живот за своите семејства. Сега, рече, лустрираните не се жртви, не трпат никакви реперкусии, туку само од архивите се констатираат фактите.

Собранието денеска ја почна и расправата по Предлог-законот за дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2016 година, поднесен од опозициските пратеници

Марјанчо Николов од СДСМ истакна дека со предлогот тие бараат побрза исплата на средствата на граѓаните кои претрпеле штети од поплавите во Тетовско и Скопско, а Министерството за финансии на неговата веб страница веднаш откако ќе изврши уплата да ги објави нивните имиња и средствата кои им биле исплатени.

На ваков начин, истакна Николов, ќе се овозможи транспарентност, неселективност и сигурност дека проценетата штета ќе биде реална и ќе соодветствува на штетите што ги претрпеле граѓаните.

Ова законско решение е важно, рече, бидејќи станува збор за околу 4 до 5.000 семејства или околу 20 илјади граѓани.

Драган Цуклев од ВМРО-ДПМНЕ смета дека решението не е добро, бидејќи, како што рече, на таков начин само ќе се доведе до ситуација некој произволно да толкува колкави биле штетите и дали биле добро проценети, да се излегува со паушални изјави за тоа дека не му била добра проценката, дека некој друг со врски добил повеќе средства…

Расправата по овој предлог продолжува по редовната пладневна пауза

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.