Расправата за Анкетната за фалсификување лични карти продолжува утре

Собранието на Република Македонија утре ќе ја продолжи расправата за составот на Анкетната комисија за скандалот со фабриката за фалсификување на лични карти, пасоши, афери и други документи, врз основа на Одлуката за основање ваква комисија донесена пред Нова Година. Пратеничката група предводена од СДСМ не предложи членови и, како што најави, нема да учествува во нејзината работа.

Во попладневниот дел на седницата продолжија препукувањата меѓу пратениците. Опозицијата остана на ставот дека Анкетната што ја предлага ВМРО-ДПМНЕ е нонсенс и контра онаа за прислушувањето, додека, според владејачката партија, СДСМ бега зашто се плаши вистината да излезе на виделина.

Благоја Стојановски од СДСМ рече дека никаде во светот анкетна комисија не формира власта, туку опозицијата и оти фалсификувањето лични документи е случај што треба да го разрешат надлежните институции. Според него, постојат многу небулози во однос на анкетната комисија предложена од ВМРО-ДПМНЕ.

– Согласно собранискиот Деловник, претседателите на анкетните комисии треба да бидат од редовите на пратеничките групи во опозиција, а во случајов е предложен Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ. Од друга страна, не ви треба анкетна ако сакате да разрешите некого поради политичка одговорност. За тоа има други инструменти како што е интерпелацијата, рече Стојановски.

На тоа реплицираше Павле Саздов од ВМРО-ДПМНЕ, потенцирајќи дека Собранието може да формира анкетна комисија кога ќе оцени дека за тоа има потреба.

–  Анкетната комисија треба да утврди факти врз основа на кои потоа ќе се утврди политичка одговорност, објасни Саздов и обвини дека целта на СДСМ со „нивната“ анкетна е да прават театар, односно секој ден да пуштаат во јавноста одредени манипулации и од тоа да прават приказна која не е вистинска.

Андон Чибиев од ВМРО-ДПМНЕ праша зошто СДСМ се плаши од анектна комисија и од избори. – Се плашите дека ќе излезат на виделина работи кои се поврзани со вас и кои ќе ја расчистат магла што ја сеете во јавноста? Факт е дека е откриена група луѓе кои поседуваат незаконски опрема за фалсификување лични документи. Кај едно од лицата се шпекулира дека е пронајден и избирачкиот список од општина Центар. Нели сакате тоа да го расчистиме?, праша Чибишев.

И Солза Грчева не гледа причина да не се формира анкетната комисија зашто разрешувањето на скандалот со пасошите и личните карти, како што нагласи, е од јавен интерес.

– Зошто СДСМ не предлага членови, зошто отстапува и директно кон себе можеби го упатува прстот? Според мене, има три причини, или навистина е вовлечена во аферата, или се работи за двоен спин, односно нешто подметнато, или пак станува збор за обична банда криминалци како што има во секоја земја, рече Грчева.

На дневен ред на продолжението на 85. седница има вкупно 80 точки.