Распуштен британскиот Парламент, избори на 7 мај

Британскиот Парламент, како и собранијата на Шкотска и на Велс се распуштени, поради започнувањето на кампањата за изборите во Велика Британија, што ќе се одржат на 7 мај.

Британскиот премиер и лидер на Конзервативната партија, Дејвид Камерон и заменик-премиерот и лидер на Либералните демократи, Ник Клег, беа во одвоени аудиенции кај кралицата Елизабета Втора, која ја известија за распуштањето на досегашниот состав на Парламентот и за почетокот на изборната трка.

Од утре почнува трката за обезбедување мандат во 650-члениот Долен дом на британскиот Парламент.

Во Велика Британија има 650 изборни единци и секоја дава еден пратеник, според моделот победник е оној кандидат кој ќе обезбеди најмногу гласови. Изборите се одржуваат во четврток и во оваа земја нема втор круг гласање, затоа што во секоја изборна единица мора да има кандидат, кој ќе има макар еден глас повеќе од другите претенеденти.

Владата и министрите продолжуваат да работат се до изборот на нова влада.

Во четврток ќе се организира првата јавна дебата на лидерите на седум британски партии за кои се верува дека ќе обезбедат место во Долниот дом.

Главната пресметка и овој пат ќе се води меѓу конзервативците на премиерот Дејвид Камерон и лабуристите на Ед Милибанд. Последните испитувања на јавното мислење покажуваат дека разликата меѓу двете главни политички партии е мошне мала, што навестува неизвесна изборна трка.

Покрај овие две партии кои традиционално се сменуваат на власта, како и „редовно третата“ по застапеност партија во Вестминстер, партијата Либерални демократи, на овие избори прв пат големи шанси за поголема улога во Парламентот и за креирањето на идната влада имаат и сепаратистичката Шкотска национална партија (СНП) на Никола Старџен и англиската Партија на независноста на Обединетото Кралство (УКИП) на Најџел Фараж.

Во првата изјава пред стартот на кампањата, Камерон рече дека целта на кампањата е Велика Британија да „зачекори напред“ по пет години „напори и жртвување“. Тој ги повика гласачите да се определат меѓу „постигнувањата на ториевците и неизвесната иднина што ја нудат лабуристите“.