Раст и реформи за нови вработувања

financial symbols coming from hand

Ставање крај на политичката нестабилност за да се отвори патот за нови странски инвестиции и поголеми вложувања од домашните бизнисмени, фискална консолидација, структурни реформи за поголема ефикасност во искористеноста на човечкиот потенцијал, намалување на јазот на пазарот на труд, зголемена продуктивност – ова се главните совети од меѓународните финансиски институции за нашата држава.

„Остварениот раст продолжи да придонесува кон креирање работни места во Македонија, но 80% од креираните нови работни места се со активни политики на Владата кои имаат фискални импликации. Треба да се направи анализа на одржливоста на овој модел на креирање работни места“ – посочува Светската банка во својот последен извештај.

Клучни ризици се намалената продуктивност, стареењето, намалувањето на активното население, падот на едуцираниот кадар.

„Невработеноста продолжи да се намалува поради буџетски интервенции за создавање работни места и поради намалувањето на работната сила. Економскиот раст се подобри со значителни опаѓања на невработеноста и сиромаштијата“ – оцени директорката на Светска банка за Западен Балкан, Елен Голдстин.

Мисијата на ММФ, пак, при последната посета на земјава излезе со слична оценка за ситуацијата, но беше наведено дека невработеноста значително се намалила во изминатиов период.

„Треба да се продолжи со напорите за намалување на високата стапка на невработеност, која е структурна. Под влијание на активните политики на пазарот на труд и растот на широка основа, севкупната стапка на невработеност се намали за 10 процентни поени од 2008-та година. Сепак, стапката е сè уште висока и станува збор за структурна невработеност како одраз на недостигот на обучена работна сила. Активните политики на пазарот на труд кои се насочени кон работниците даваат резултат и треба да се продолжи со нив, притоа да се земат предвид фискалните трошоци“ – укажа ММФ.

Светска банка за годинава ни прогнозира раст од 2,8%, а за во 2018-та година од 3,3%. Македонските власти признаваат дека земјава се соочува со сериозни предизвици поради политичката криза.

„Македонската економија, покрај предизвиците од меѓународното окружување, се соочува и со предизвици од тековната политичка ситуација. Во вакви услови перспективите за повисок економски раст се ограничени, но и покрај тоа изминатите две години економијата забележува солиден раст, во просек од 3 отсто“ – вели министерот за финансии, Кирил Миноски.

И во вакви услови, невработеноста и сиромаштијата забрзано се намалуваат.

„Повеќето нови работни места и ниските цени придонесуваат за намалување на сиромаштијата во регионот на Западен Балкан, со тоа што просечните стапки на сиромаштија се намалија за речиси два процентни поени во Албанија, Македонија, Црна Гора и во Србија во 2016 година, што заедно со други придобивки придонесе за извлекување на околу 240 илјади луѓе од сиромаштија во изминативе три години“ – соопштија банкарите од Вашингтон.

Има слободни работни места

Продавачи, хигиеничари, општи работници, шанкери и келнери, шивачи, магационери, возачи, обезбедувачи, градежници, месари, чевлари, ѕидари, работници во високоградба – ова во моментов се најбараните занимања на пазарот на труд. Податоците на Агенцијата за вработување покажуваат дека се слободни околу 7.500 работни места.

Најмногу слободни работни места има во Скопје, па следуваат Битола, Охрид, Куманово, Штип, Гевгелија, Струмица, Прилеп.

Според податоците на Државниот завод за статистика, пак, се зголемува и бројот на активни  деловни субјекти. Растот во 2016 година изнесувал 1,9%, па вкупно во Македонија се активни 75 илјади 519 фирми. Повеќе деловни субјекти има во преработувачката индустрија, градежништвото, трговијата.

79,3% од компаниите бројат од 1 до 9 вработени, за 11,3% нема податок или се без вработени, 4,3% се со по 10 до 19 вработени, 2,8% имаат од 20 до 49 вработени, со 1,9% учествуваат фирмите со од 50 до 249 вработени, а само 0,3% од активните деловни субјекти имаат над 250 вработени.

Доктори на науки и магистри без работа

Во Агенцијата за вработување за работа чекаат и профили со исклучително знаење. Има 34 доктори на науки, речиси 900 магистри, околу 13 илјади луѓе со комплетирано високо образование. Сепак, најбројни се оние со основно или без образвание, како и лицата со завршено средно училиште.

Статистиката на Агенцијата за вработување покажува дека во првиот месец од годинава имало 104 илјади 958 невработени луѓе.

Од вкупниот број невработени, над 10 илјади луѓе чекаат за работа 8 или повеќе години. Прашањето е сериозно, го допира синдромот „обесхрабрени работници“.

Токму вработеноста во неформалната економија и долгорочната невработеност беа посочени како сериозни проблеми за македонскиот пазар на труд од страна на Светската банка и Виенскиот институт. Се препорачуваат структурни реформи поради фактот што постои неусогласеност меѓу квалификациите кои се нудат и оние кои се бараат на пазарот на труд.

„Младите мислат дека веднаш по завршувањето на факултетот ќе можат да се вработат, но не е така. Тие секогаш мора да се дообучуваат за одредени работни места. Младите и додека се на факултет треба да се дообучуваат преку практики и волонтирања за да ја зголемат својата цена на пазарот на труд“ – објаснува Александар Трпковски од невладиниот сектор.

Затоа главните препораки од економистите се да се вложува во работниците, да се прават сериозни промени во средното и високото образование, да се воведуваат посебни програми за практикантска работа и за стекнување на потребните вештни кои одговараат на потребите на пазарот на труд.