Македонскиот БДП порасна за 2,7 отсто

Стапката на раст на бруто-домашниот производ (БДП) во последниот квартал од 2014 година изнесува 2,7 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика (ДЗС).

Во последниот квартал лани најголем пораст од 12,4 проценти е забележан во секторите стручни, научни и технички дејности и административни и помошни услужни дејности, по што следат „уметност, забава и рекреација“, „други услужни дејности“, „дејности на домаќинствата како работодавачи“, „дејности на домаќинствата кои произведуваат разновидна стока и вршат различни услуги за сопствени потреби“ од 11,7 проценти , „градежништво“ од 11,1 процент и „финансиски дејности и дејности на осигурување“ од 3,8 проценти.

Финалната потрошувачка на домаќинствата вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во четвртото тримесечје од 2014 година, номинално расте за 2,5 проценти, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ изнесува 65,8 проценти. Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално е зголемен за 14,8 проценти, а увозот на стоки и на услуги е зголемен во номинален износ од 9,7 проценти.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.