Растат заштедите, пензискиот систем стабилен

Македонскиот пензиски систем е стабилен. Се подобрува соодносот меѓу осигурениците и корисниците на пензија. И покрај апокалиптичните сценарија кои често се користат во политичката пресметка, во обид да се дојде со ситни политички поени, бројките покажуваат дека нема простор за паника. Според податоците на ПИОМ за цела 2013-та година, вкупниот број на осигуреници изнесувал 526.909, додека бројот на корисници на пензија 291.821, па соодносот достигнал 1,8 осигуреници на 1 пензионер. Во однос на претходната година, бројот на осигуреници се зголемил за речиси 20 илјади, а бројот на корисници за 6.780, анализира Лидер.мк.

Всушност, трендот на подобрување на соодносот меѓу осигурениците и корисниците започна од 2006-та година, откако претходно, во периодот од 2002-та до 2005-та година, достигна алармантно ниско ниво од 1,3.

Ако во минатата година, на 1.000 вработени имало 549 пензионери, во годините на владеењето на СДСМ, од 2002-та до 2005-та, на 1.000 вработени имало по над 750 пензионери!

tabela-480x172

Во изминативе години паднаа во вода сите обвинувања на опозицијата дека пензискиот систем е пред колапс. Напротив, пензионерите редовно ги добиваат своите пензии, од март годинава зголемени за 5%. Оваа практика ќе продолжи и во наредната година.

„Во текот на 2015-та година, 45.570 милиони денари се наменети за исплата на пензии и во истите е предвидено зголемување на пензиите за 5% во просек, почнувајќи од септемвриската пензија, со исплата во октомври 2015 –та година“ – пишува во предложениот Буџет за наредната година.

Неновски: Новите работни места ќе го намалат јазот!

Според универзитетскиот професор Томе Неновски, кој е и надворешен член во Советот на експерти на МАПАС, реформите во пензискиот систем имаат позитивни ефекти и се во насока на обезбедување долгорочна стабилност на системот. Сепак, основа за одржливост на самиот систем претставува економскиот раст.

„Отворањето нови работни места, како резултат на остварување позитивни стапки на економски растеж, неминовно ќе води кон намалување на повеќегодишниот јаз меѓу бројот на вработени и бројот на пензионирани лица. Тоа, како и продолжување на можниот рок за пензионирање на вработените, ќе води кон зголемување на приливите на средства во пензиските фондови, што би ја засилило нивната финансиска сила и повеќегодишна одржливост. Тоа значи дека, натамошната континуирана одржливост на постојниот пензиски систем во голема мера е определена од трајноста и одржливоста на економскиот растеж на земјата, како предуслов за отворање нови работни места, а со тоа и зголемување на придонесите во пензиските фондови и нивна намалувачка зависност од средства од централниот буџет“ – објаснува професорот Неновски.

Лани, 41,2% од вкупните приходи на Фондот биле од Буџетот. Но, во претстојниот период, ако се одржат позитивните стапки на економски раст, ова учество ќе се намалува. Македонија бележи солидни економски резултати во исклучително сложени екстерни услови, се креираат нови работни места и се зголемува вработеноста. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, во вториот квартал од годинава продолжиле позитивните трендови, бројот на вработени достигнал 687.465, што е за 9.000 повеќе од истиот период лани. Но, главен извор на главоболки се неповолните демографски движења, бидејќи населението во земјава старее. Во 2013-та, од вкупниот број на осигуреници, 79 илјади мажи и 61 илјада жени биле на возраст меѓу 40 и 50 години, а 68 илјади мажи и 45 илјади жени на возраст меѓу 50 и 60 години. Но, доколку дел од нив ја искористат можноста, и својот работен век доброволно го продолжат од една до три години, како што и предвидува Законот, тогаш ќе се остварат три придобивки: тие ќе продолжат да земаат плата, државата ќе инкасира повеќе пари од даноци, а ќе прибере и повеќе придонеси. Од друга страна, компаниите ќе ја задржат квалитетната и искусна работна сила.

„Нивното искуство е од непроценливо значење за компаниите. Работниците кои имаат знаења и искуства се добредојдени да останат во компаниите“ – вели првиот човек на бизнис – конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков.

Растат заштедите во приватните фондови!

Податоците покажуваат дека над 350 илјади граѓани штедат во двата приватни задолжителни пензиски фонда. За 8 години, вкупните средства достигнале 27 милијарди денари (околу 440 милиони евра), што претставува 5,65% од БДП на земјава. Анализите покажуваат дека во периодот од 2007 до 2013 година, бил остварен просечен годишен пондериран принос на придонесите од 5,31% номинално, односно 2,27% просечен годишен пондериран принос, пресметан во реален износ.

slika-480x284

„Приносите на пензиските придонеси, кои се објавени за периодот од последните седум години, сведени на годишно ниво, се однесуваат на период на голема финансиска криза, кога многу приватни пензиски друштва во други европски земји остваруваа негативни приноси. Може да се каже дека македонскиот пензиски систем, сепак, добро помина, благодарение на конзерватнита стратегија на вложување на расположливите средства од страна на домашните пензиски друштва. Во последните две години растат приносите на придонесите. Се очекува оваа и во следната година, друштвата да остварат уште повисоки приноси за своите осигуреници“ – вели Неновски.

Професорот објаснува дека постојат ефикасни контролни механизми кои навремено ги идентификуваат потенцијални ризици и овозможуваат навреме да се реагира, за да се заштитат интересите на членовите и на пензионираните членови на пензиските фондови.