Македонија

Расте бројот на домашните и странските туристи

Расте бројот на домашните и странските туристи

Државниот завод за статистика покажува дека е зголемен бројот на туристи, како на домашните, така и на странските. Кај домашните туристи е забележан пораст од 10.3 отсто, а кај странските 4,1 отсто.

Зголемувањето е резултат на субвенционирањето на нискобуџетните авио-компани и овозможувањето на ефтини летови на повеќе европски дестинации, поддршката за турооператорите кои носат странски туристи, но воедно и на зголемената домашна туристичка понуда од аспект на се она што може да се посети во Македонија.

„Зголемениот број на туристи во континуитет е јасна потврда дека превземените мерки од Владата, даваат резултати. Очекуваме ваквиот тренд и понатаму да продолжи, посебно затоа што воведовме значајни мерки за поддршка на туризмот. Воведуваме субвенционирање на авионски летови за Македонија што  се одвива секоја година. Проширен е и опфатот на земји за кои Македонија дава субвенции за тур-операторите. Покрај досегашните земји од Бенелукс, од 2013 година   вклучени се и Финска, Норвешка, Данска, Шведска, Русија, Украина, Обединетите Арапски Емирати и Јапонија. За 2014 година мерката ќе се прошири и на Кина и Индија, а за 2015 година ќе се исплаќаат субвенции и за туристи од Казахстан, Азербејџан, Катар, Сојузна Република Германија, Соединетите Американски Држави и Англија“, рече министерот.

Преку Македонската банка за поддршка на развојот овозможени се кредити во областа на туризмот, односно субвенционирање до 50 проценти  на хотелски сместувачки објекти во руралните средини

Формиран е посебен комитет за туризам кој се состанува еднаш месечно и расправа за сите можни начини кои можат да му помогнат на туризмот.

Бројот на туристите во февруари  годинава изнесува 27.278, а на ноќевањата 60.619, што во однос на истиот месец лани претставува зголемување за 6,6 проценти, односно 3,9 проценти. Кај  ноќевањата на домашните туристи зголемувањето е за 3,6 проценти, а на странските туристи за 4,2 проценти.

Во првите два месеци  од годинава во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 1,3 проценти, кај домашните туристи за 0,6 проценти, а кај странските за 1,9 проценти. Кај ноќевањата во јануари и февруари има зголемување  за 0,3 проценти, кај домашните туристи намалување за 2,1 процент, а кај странските зголемување за 2,6 проценти.

Она што е особено важно да се потенцира е што минатата година за прв пат бројот на туристи ја надмина бројката од 700.000 туристи која беше и главна цел согласно Стратегијата за развој на туризмот.