Расте бројот на лица заболени од грип

Расте бројот на лица заболени од грип, па во текот на петтата недела од оваа година, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје. Во овој период се евидентирани 2.350 нови случаи на заболени од грип, што во однос на претходната недела претставува зголемување од 12,4 отсто.

Во споредба со бројот на заболени во петтата недела од минатата сезона, кога имало 2.190 заболени лица, се бележи зголемување за 7,3 отсто, а во однос на епидемискиот праг (просечниот број на заболени за оваа иста недела во изминатиот 10-годишен период, кој изнесува 1.738), се регистрира зголемување за 35,2 отсто.

Вкупниот број заболени од грип од почетокот на сезоната 2013/2014 (40 недела, 2013) заклучно со петтата недела од 2014 година, изнесува 7.778. Во овој период регистрирани се два смртни случаи.

Во споредба со истиот период лани, кога имало 5.664 заболени, има зголемување на вкупниот број пријавени случаи за 37,3 отсто, а во однос на просекот за 10-годишниот период, кога биле регистрирани 6.566 случаи, се бележи пораст од 18,5 отсто.

Во јануари пријавени се најголем број на случаи со симптоми на грип – 6.801 или 87,4 отсто од вкупниот број на заболени во целата сезона 2013/2014. Во декември регистрирани се 606 случаи или 7,8 отсто. Најголем број заболени во оваа сезона се регистрирани на територијата на центарот за јавно здравје Велес, подрачна единица Кавадарци – 1.360 и ЦЈЗ Скопје – 1.154 заболени, а најголем МБ (315,2/10.000) е регистриран во ПЕ Кавадарци.

Најмногу заболени се пријавени во возрасната група која опфаќа најголем дел од населението (од 15-64 години) со 5.083 случаи (65,4 отсто), а најголем МБ (75,2/10.000) е регистриран кај најмладите –  децата до 4-годишна возраст.

Во текот на петтата недела од 2014, до вирусолошката лабораторија на Институтот за јавно здравје пристигнати се 11 материјали за тестирање на грип, од кои шест биле позитивни и тоа: три се позитивни на вирусот на инфлуенца А/Х3Н2, два се нетипизирани инфлуенца А вируси и еден на вирусот на инфлуенца А/Х1Н1.

Бројот на пријавени случаи на грип/заболувања слични на грип во Македонија го задржува трендот на пораст, со намалување на интензитетот на порастот и оваа недела, како и претходната. Во циркулација се двата подтипа на вирусот на инфлуенца А и инфлуенца Б вирусот, со доминација на вирусот на инфлуенца А/Х3Н2.