Расте бројот на мигранти во Европа

Во последните неколку месеци е забележан раст на бројот на мигранти, а од почетокот на годината оваа бројка изнесува 60.000, соопштува граничната агенција ЕУ Фронтекс.

Бројот на луѓе кои преку море преминале од Северна Африка во Италија е драстично зголемен. Од јануари до април, на овој морски пат, детектирани се 42 илјади лица, а само од Либија се пристигнати 25.650. Кога ќе се пресметаат и оние кои доаѓаат од другите делови на светот, се добива вкупниот број од 60.000, пренесува Би-Би-Си.

Италијанската Влада оваа недела објави дека бројот на мигранти кои пристигнале на италијанскиот брег изнесува повеќе од 30 илјади.

Од почетокот на оваа година во Европа пристигнале приближно ист број на мигранти како во 2011 година во време на „арапската пролет“, што значи дека до крајот на годината може да се очекува пристигнување на уште 140 илјади мигранти.

„Доколку продолжи сегашниот тренд на доаѓање на мигранти во текот на летните месеци, постои голема веројатност таа бројка и понатаму да продолжи да расте“, вели Жил Аријас Фернандез, заменик-директор на Фронтекс.

Од мигрантите најбројни се оние од Сирија, но има многу и од Авганистан и Еритреја.