Расте бројот на работниците во индустријата

За четири пати е зголемен бројот на работници во индустријата за производство на моторни возила во мај годинава, споредено со истиот месец минатата година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Зголемувањето пред се се должи на новите вработувања во индустријата за производство на автобуси во слободната зона во Бунарџик. Текстилната индустрија пак е на второ место според раст на бројот на вработени во мај. Според податоците на статистичарите, за 46,2 отсто е зголемен бројот на работници во текстилната индустрија во мај месец, споредено со истиот месец минатата година. Во првите пет месеци годинава, споредено со истиот период лани бројот на текстилни работници се зголемил за 53,7 отсто.

Трета индустриска гранка која има голем раст на бројот на вработени во мај, споредено со мај 2013 година е индустријата за производство на електрична опрема каде што бројот на вработени е зголемен за 18 отсто.

Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупниот број на работници во индустријата во петтиот месец годинава бележи раст од 6,7 отсто гледано по индустриски гранки бројот на работниците во секторот Рударство и вадење на камен во мај 2014 година, во однос на мај 2013 година, бележи пораст од 0,7%, во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 7,8 отсто, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 0,7 отсто.

Според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во мај 2014 година, во однос на мај 2013 година, бележи пораст кај Интермедијарни производи, освен енергија за 2,3 отсто , Капитални производи за 97,1%, Tрајни производи за широка потрошувачка за 7,1 отсто и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 1,7%, додека опаѓање бележи кај Енергија за 4 отсто.

Бројот на работници во првите пет месеци годинава, споредено со истиот период лани е поголем за 6,9 отсто.