Расте бројот на заболени од грип

Во текот на 3-тата недела од 2015-та година, според податоците објавени од страна на Институтот за јавно здравје на Република Македонија, забележан е пораст на лицата заболени од грип. Во овој период во Република Македонија се пријавени 876 новозаболени лица. Во однос на минатата недела бројот на регистрирани случаи е зголемен за 46,2%.

Во споредба со бројот на заболени во 3-тата недела од минатата сезона, оваа година  се бележи намалување за 37,2%, а во однос на просечниот број на заболени за оваа недела во изминатиот 10-годишен период, исто така се регистрира намалување на бројот на пријавени заболени лица, кое изнесува 14,7% .

Од Институтот за јавно здравје велат дека бројот на пријавени случаи на грип или заболувања слични на грип продолжува да расте и се очекува трендот на пораст на активноста на вирусот на грип да продолжи и во наредните недели.

Вкупниот број на заболени од грип во републиката од почетокот на сезоната 2014/2015 заклучно со 3-тата недела од 2015 година изнесува 3 885 лица. Во овој период нема регистрирани смртни случаи асоцирани со инфекција со вирусот на грип.

Во споредба со истиот период минатата година постои зголемување на вкупниот број на пријавени случаи за 16,4%, а во однос на просекот за 10-годишниот период, исто така се регистрира зголемување за 3,6%.

Во Демир Хисар, Берово и Валандово засега нема регистрирани заболени лица.

Најголем број на заболени од сезонски грип во текот на оваа сезона се пријавени на територијата на Тетово – 1.255. Поголем број на заболени се регистрирани и на териториите на Куманово (702),  Скопје (497) и Прилеп (425).

Во однос на возрасните групи, во сезоната 2014/2015 најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години (2.198), а најголем морбидитет е регистриран кај најмладите – децата до 4-годишна возраст (477,9/100.000).

Во 3-тата недела од 2015, до вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнале 2 материјали за тестирање на грип, двата позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца Б.

Од почетокот на сезоната 2014/2015, во вирусолошката лабораторија на  Институтот за јавно здравје на Република Македонија анализирани се вкупно 62 хумани материјали добиени од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти, од кои 11 или 17,7% биле позитивни на вирусот на инфлуенца.

Од позитивните, 5 материјали се конфирмирани како инфлуенца А (45,5%), а кај 6 е докажано присуство на инфлуенца Б вирусот (54,5%). Од инфлуенца А позитивните, 1 материјал е конфирмиран како инфлуенца A/H1N1, 2 се конфирмирани како инфлуенца А/H3N2, а 2 се нетипизирани инфлуенца А вируси.

Во епидемиолошките служби ,  вакцинирани со вакцина против сезонски грип се вкупно 26.305 лица, односно потрошени се 98,7%  од вкупно набавените 26.649 вакцини. Најголем број лица се вакцинирани на почетокот на сезоната (до 47 недела вкупно се вакцинирани 25.880 лица или  98,4%), додека во следните недели бројот на вакцинирани лица на неделно ниво постојано се намалуваше, така што во 3-та недела од 2015 година, вакцинирани се само 13 лица.

Најголем број – 20.418 или 77,6% од вакцинираните лица се припадници на ризичните групи (на возраст над 65 години и на возраст до 64 со историја на некое хронично заболување), во возрасната група од 18-64 години без историјат на хронични заболувања, вакцинирани се 5.089 лица, 721 припаѓаат на категоријата здравствени работници, 64 лице се на возраст од 10-18 години без хронични заболувања и 13 се деца на возраст од 24 месеци до 9 години. Нема вакцинирани бремени жени и деца од 6-23 месеци старост.