Статистичките податоци говорат дека секоја година во светот околу 150 милиони девојчиња и 73 милиони момчиња се силувани или се сексуално злоупотребувани од страна на некој свој близок или родител/старател, пренесува МИА.
Во Република Македонија бројот на случаи на педофилија и родосквернавење е зголемен, но многу од жртвите не ги пријавуваат овие случаи затоа што извршителите најчесто се нивни блиски роднини или пријатели, информираат од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.
– За нас, како Детска амбасада, загрижувачки е податокот дека на СОС телефонот за деца и млади 0800 1 2222 добиваме и дојави во кои малолетници под 14 годишна возраст се јавуваат како осомничени за сексуална злоупотреба на дете, вели за МИА Драги Змијанац, претседател на „Меѓаши“.
Превенција – најефикасен облик на борба против злоупотреба на деца
Како што пишува МИА, од вкупниот број сексуални деликти во Македонија околу две-третини се полови напади врз деца и малолетници. Жртвите се на возраст од 11 до 18 години, а најчести извршители на овие тешки кривични дела се татковци, роднините, пријателите или соседите (воглавно познати на децата), вели Змијанац.
– Секое дете може да биде потенцијална жртва и многу лесно може да западне во раце на злоставувачи. Превенцијата е најефикасниот облик на борба против злоставување на деца. Токму затоа, Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ издаде Водич за превенција со наслов „Да ги заштитиме децата од сексуалнатаа злоупотреба водич за родители и наставници“ со конкретни насоки како можат и родителите и наставниците да превенираат сексуална злоупотреба кај децата. Важно е детето да препознае и биде охрабрено да каже доколку се случува сексуална злоупотреба, вели Змијанац.
Тој објаснува дека сексуалната злоупотреба е особено трауматична за детето и остава далекусежни последици врз севкупниот развој. Според него, потребно е децата да се едуцираат за тоа како да постапат доколку се најдат во опасна ситуација и како да се заштитат од можна злоупотреба.
Во борбата против педофилијата треба да бидат мобилни и посветени родители, граѓански организации, медиуми, државни институции на кои приоритет во работата ќе им биде примената и почитувањето на правата на децата, вели нашиот соговорник.
Родителите се клучни во заштитата на децата на интернет
За децата да се заштитат од педофили, потребно е и обезбедување сигурност и безбедност во користењето на Интернет. Во Македонија треба да се подигне свеста за онлајн-ризиците, вели првиот човек на „Меѓаши“, пишува МИА.
– Децата треба да внимаваат какви фотографии поставуваат на интернет, кого прифаќаат за пријател. Се почесто се случува децата наместо на родителите, за првите сексуални желби и искуства да му се доверуваат на „другарот“ од интернет-мрежата. Родителите треба активно да ги следат своите деца, нивното однесување и употребувањето на интернетот. Ако некое дете добие непријатни содржини за тоа треба да ги информира родителите. Социјалните онлајн-мрежи се препорачуваат за тинејџери над 15-годишна возраст, кога веќе не е етички да се врши родителски надзор, но и понатаму е задолжително да се водат редовни разговори поради зачувување на нивната безбедност и приватност. Родителите исто така да внимаваат какви фотографи со нивните деца поставуваат на нивните профил, родителите се клучни во заштитата на децата на интернет. Тие мора да бидат повеќе внимателни како нивните деца го користат интернетот, вели Змијанац. Тој нагласува дека, освен родителите и наставниците треба да се вклучат во правилното градење на навиките и културата на децата како интернет-корисници.
Според него, потребно е поактивно вклучување на МВР, Одделението за борба против компјутерски криминал, за да се справи со нелегалните содржини (особено сексуалната злоупотреба на деца, детска порнографија) и да се спречи штетното однесување на онлајн-предаторите кои ги напаѓаат профилите.
– На СОС телефонот за деца и млади 0800 1 2222 при Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, досега имаме регистрирано дојави кои се однесуваат на злоупотреба на децата преку интернет. Се повеќе возрасни лица ни се обраќаат со цел да пријават несоодветни фотографии на „Фејсбук“ профили на возрасни лица или пак со деца. Исто така имаме дојави за постирање на видео материјали со сексуални содржини од страна на малолетни лица, со цел да го нарушат угледот и достоинството на друго малолетно лице, информира Змијанац.
Македонија меѓу државите со најстрога казна за педофили
Македонија спаѓа во државите со најригорозни мерки за педофили. На почетокот на минатата година се озакони задолжителна хемиска кастрација за повратници педофили, со што Македонија се вброи во прва држава во регионот која ја воведе оваа ригорозна мерка. Освен тоа, минатата година се зголеми затворската минимална казна за педофили од 8 на 12 години. Кривичниот законик предвидува доживотен затвор за тешки облици на сексуална злоупотреба, но и намалување на казната за половина за педофилите кои ќе се согласат да ја примаат терапијата, пренесува МИА.
– Нашето долгогодишно застапување и лобирање за построго казнување на педофилите и за хемиска кастрација како превентивна мерка во намалување на рецидивизмот вродија плод. Maкедонските пратеници лани ги изгласаа нашите предлози за измена и дополна на Кривичниот законик со кои се овозможи старт на хемиската кастрација на педофилите. Активниот однос на пратениците е пофалба. Задоволни сме од усвоените измени. Од трите предлози на „Меѓаши“ ни беа прифатени два и тоа хемиска кастрација на педофилите откако ќе излезат од затвор и зголемување на казните, вели Змијнац.
Тој нагласува дека со нивно лобирање за делото обљуба на дете под 14 години била зголемена затворската казна од 8 години на 12 години.
– Кај квалификаторниот облик, за обљуба или друго полово дејствие врз дете кое не наполнило 14 години, а настапила тешка телесна повреда, смрт или друга тешка последица, сега се предвидува минимална казна од 15 години затвор до доживотен затвор, вели Змијанац.
Освен овие мерки, во Македонија од пред две години е воведен и Регистарот за осудени педофили во кој се заведени лица осудени за кривични дела сексуално злоставување на деца.
Ирена Радовановиќ