Расте индустриското производство и оптимизмот во бизнис секторот

Државната статистика регистрираше раст на индустриското производство од 5,9 отсто во јули во споредба со јули минатата година.

Индексот на индустриското производство во периодот јануари – јули годинава пак, во однос на истиот период лани бележи раст од 4.7 отсто.

Континуираниот раст на индустриското производство е показател на поволните состојби во економијата и предвесник на индните трендови на пазарот, сметаат експертите и бизнисмените. Растот на индустриското производство предизвикува и раст на оптимизмот во бизнисот, а истото е поволно и за останатите показатели и сектори, како извозот и градежништовото, а воопшто и целата економија.

„Имаме рехабилитација на индустриското производство. Веќе можеме да кажеме дека градежништвото ќе биде една од водечките гранки која ќе треба да ја креира планираната стапка на раст на БДП од 3,7 проценти“ изјави неодамна за Лидер универзитетскиот професор, Томе Неновски.

Според податоците на Државниот завод за статистика,  индустриското производство најмногу бележи раст во преработувачката индустрија од 10,4 отсто, како и кај производството на интермедијарни производи, освен енергија за 5.5 отсто, кај капитални производи за 47.6 отсто и нетрајни производи за широка потрошувачка за 5.2 отсто, додека опаѓање бележи кај енергија за 8.8 отсто и трајни производи за широка потрошувачка за 9.2 отсто.  Пад на производството има и во секторот рударство и вадење на камен од 12.0 отсто.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.