вторник, 28 март 2017  |  Вести денес: 55

Расте интересот за проектот „Купи куќа за млади“

kupi-kuka-kupi-stan

Поврзани вести

Интересот за проектот „Купи куќа за млади“ ги надминува очекувањата. Граѓаните секојдневно се информираат во подрачните канцеларии за можностите кои ги нуди овој проект, додека канцеларијата во Министерството за финансии дневно ја посетуваат околу 80 лица. Голема е и посетеноста на презентациите на караванот кој го организира министерството, каде граѓаните во директна комуникација со надлежните, но и банкарите, се информираат за проектот.

Стручните тимови на Министерството за финансии, вчера одржаа презентации во Кавадарци, Неготино и Демир Капија, а  а следните презентации треба да се одржат во Струмица, Радовиш, Тетово, Гостивар, Кичево, Берово и Дебар.

Проектот „Купи куќа за млади“ неодамна ги доби и првите корисници. Станува збор за двајца граѓани, од кои едниот од скопската општина Кисела Вода, а другиот од Свети Николе.

Со проектот „Купи куќа за млади“ под исклучително поволни услови се овозможува младите до 35 години да си го решат станбеното прашање и да дојдат до свој дом, до своја куќа. Овој проект беше надграден со дополнителна иницијатива која ја поведе Никола Груевски, општините раководени од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, да понудат парцели за изградба на типски населби, со најмалку или повеќе од сто куќи, каде младите ќе може преку проектот купи куќа да дојдат до свој дом.

Речиси 8.000 локации во околу 50 општини се наменети за овој проектот. Градоначалниците веќе понудија парцели наменети за овој проект и ќе градат типски населби. Очекуваат бројката да расте, како и интересот од страна на граѓаните.

Поддршка од државата за сопствен дом

Поволната поддршка што ја дава државата е олеснување за граѓаните во плаќањето на ратите од кредитот или во покривањето на учеството, а тоа го прави овој проект, со своите два модели, примамлив за младите.

Преку првиот модел, државата ја субвенционира ратата во период од 11 години. Во првите 8 години, поддршката изнесува 80 проценти од месечната рата, а во следните 3 години државата ќе покрие половина од ратата. Максималниот износ за кредитот е 50 илјади евра.

„За 30.000 евра кредит доаѓа рата од 200 евра месечно. Првите 8 години, Владата покрива 160 евра од таа рата, а 40 евра плаќа граѓанинот. Значи 8 години само по 40 евра плаќа младиот човек кој сака преку овој проект да го реши прашањето за сопствен дом, а Владата секој месец покрива по 160 евра за ратата од 200 евра. Потоа 9-тата, 10-тата и 11-тата година од враќањето на кредитот, 100 евра покрива Владата, 100 евра граѓанинот. Потоа по 12-тата година до 20-тата, целиот износ од месечната рата си го покрива граѓанинот. Тоа е првиот модел преку практичен пример за тоа што значат тие 80 и 50 отсто. Тоа е голема огромна поддршка за луѓето кои сакаат да дојдат до сопствен дом“, објаснува вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Вториот модел од проектот е наменет за луѓето кои немаат пари за учество, но со своите приходи можат да ја покријат месечната рата. Во овој случај, државата целосно ќе го покрие учеството за станбениот кредит (25% од кредитот). Тоа значи дека за 50 илјади евра, поддршката изнесува 12.500 евра.

„Кога одите во банка и барате станбен кредит од 30.000 евра, банката ќе побара сопствено учество. Тоа отприлика се движи 25 отсто од висината на кредитот, значи за кредит од 30.000 евра тоа е околу 7.500 евра. Тие ги дава Владата. Ако кредитот е поголем и е 50.000 евра, тоа се 12.500 евра учество, кои ги даваме 100 процентно“, објаснува Ставрески.

Вистинско време за инвестиција во иднината

Според банкарите и градежниците, со државната поддршка, младите полесно ќе дојдат до сопствен дом. Сега е вистинско време за инвестиција во иднината, велат тие.

„Во банката постојано се обраќаат клиенти со цел потемелно да се информираат околу деталите за овој проект. Досега имаме примено десетина барања за субвенциониран станбен кредит од оваа програма и интересот е голем“, објаснува банкарот Драган Михајлов.

И градежниците велат дека интересот за проектот постојано расте.

„Бевме затечени од големиот интерес и ги вложуваме сите напори да ги примиме сите заинтересирани лица, да ги опслужиме, да ги испратиме до банките за да можат да аплицираат за кредити“, вели Роберт Хот, сопственик на градежна компанија.

Со проектот, според надлежните, се овозможува  надминување на препреките со кои се соочуваат оние кои имаат потреба од свој дом.

Истовремено, одлични резултати дава и проектот „Купи куќа, купи стан“. Вкупно во последните 3,5 години откако се реализира проектот, 820 граѓани го решија своето станбено прашање, а одобрени се 28 милиони евра станбени кредити.

Најчитани вести