Расте извозот, во првите 8 месеци за 17,4 % повеќе од лани

Извозот од Македонија до август годинава изнесува 3.208.293.000 американски долари и бележи раст од 17,4 % во однос на осумте месеци од 2013 година.

Како што објави Државниот завод за статистика, увозот во периодот од јануари до авугст 2014 година изнесува 4.806.779.000 американски долари и е за 12,8 отсто поголем од истиот период лани. Покриеноста на увозот со извоз е 66,7 %. Трговскиот дефицит изнесува 1.598.486 илјади американски долари.

Најмногу стоки 77,8 % се извезени во земјите од ЕУ, а 13,9 проценти во земјите од Западен Балкан. Македонија најмногу тргува со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија. Со овие пет земји се тргува 52,6 % од вкпната надворешно трговска размена.

Македонија најмногу увезува стоки од земјите во ЕУ 64,1 отсто од увозот.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, сетови на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, производите од железо и челик (валани производи) и облеката.

Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и масла добиени од битуменозни минерали (освен сурови), платина и легурите на платина, необработени или во прав, електричната енергија и други метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.