Расте кредитирањето на компаниите

Банките во анкетата на Централната банка ги посочиле и факторите кои ја условуваат побарувачката на корпоративни кредити. Тука се индивидуалните фактори, поврзани со потребите за финансирање, односно за преструктуирање на долгот, за инвестиции во залихи и обртен капитал, за инвестиции во основни средства. Кај инвестициите во основни средства се забележува и позначително зголемување на нето-процентот во споредба со претходната анкета на НБРМ.

Очекувања на банките за 2016-та година

Банките во анкетата ги навеле и очекувањата за првите три месеци во однос на кредитирањето на корпоративниот сектор.

Очекувања за првиот квартал на 2016-та година: задржување на динамиката на нето-олеснување на кредитните услови и натамошно нето-зголемување на побарувачката на корпоративните кредити, стои во анкетата.

Олеснетите услови му одат во прилог на стопанството, кое веќе подолг период бара кредити со поповолни услови, односно со подолг рок на отплата на земените средства.

Поволните кредити од ЕИБ одат како „алва“

Компаниите сакаат кредити по поволни услови. Оттука е и големиот интерес за средствата од Европската инвестициска банка кои се реализираат преку Македонската банка за поддршка на развојот. За пет години на домашните фирми им се ставија на располагање поволни кредити во износ од 350 милиони евра, се поддржале околу 1.800 проекти, се отвориле околу 6.700 работни места. Од МБПР велат дека е целосно искористена и четвртатата линија. Само лани биле одобрени кредити во износ од 113 милиони евра за 950 проекти.

Големо е учеството на кредитите од ЕИБ во вкупните кредити. Во 2015-та беа финансирани проекти во вредност од речиси 83 милиони евра, вели директорот на Банката, Драган Мартиновски.

Според вицепремиерот Ставрески, овие пари во голем дел се искористени од малите и од средните претпријатија, кои и најтешко доаѓаат до свеж капитал.

Затоа ние ја обезбедивме кредитната линија од Европската инвестициска банка уште на почетокот на кризата во износ од 350 милиони евра за малите и за средните претпријатија, објаснува Ставрески.

Се работи за субвенционирани кредити со каматна стапка од 5,5 проценти. Инвестициските кредити се со рок на отплата од 8 години, кредитите за обртни средства се со рок на враќање од 3 години.