Политика

Расте револтот кај вработените во струмички Комуналец

Расте револтот кај вработените во струмички Комуналец
Според информациите на порталот,  на вработените им се нудат да потпишат договори за 3 месеци за плата од 8500 денари, а остатокот ќе им биде рефундиран од месец април па натаму. Од договорите кои вработените ги потпишуваат не им  даваат копија за нив, што остава сомнеж дека вработените може да бидат изманипулирани.
Во јавното претпријатие Комуналец во Струмица, според тврдењата на дел од вработените пред неколку дена имало штрајк поради доцнењето на исплата на две плати. На вработените кои ќе проговорат за овој штрајк според наши извори им се заканувале со бркање од работа. Овој штрајк директорот на претпријатието го негираше, но призна дека се соочуваат со незавидна состојба од која бараат излез.
Вчера порталот пишуваше дека постојат основи за сомнеж ова јавно претпријатие можеби било вклучено во предизборен скандал, бидејќи на три дена пред локалните  изборите на околу 1300 семејства во Струмица им бил отпишан долгот за неплатени сметки за вода во вкупен износ од над 36 милиони денари.
ЈП Комуналец – Струмица на ден 21.03.2013 година, на три дена пред одржување на локалните избори изготвило околу 1.300 индивидуални решенија за субвенционирање на неплатен долг, односно за бришење на долг на сметките на граѓаните и ги доставило до истите. Овие решенија се донесени врз основа на Одлука на Советот на Општина Струмица донесена на 21.12.2011 година, по предлог на Градоначалникот Зоран Заев.
Овие средства во износ од 36 милиони денари се уште не се исплатени на јавното комунално претпријатие, што значи дека долгот на 1300 семејства се уште не е платен, односно петпријатието останало без 36 милиони денари со кои ќе можело да им исплати плати на своите вработени.
Ниту општина Струмица, ниту ЈП Комуналец не ја демантираа оваа информација која отвори основ за сомнеж за можна предизборна злоупотреба на гласачите непосредно пред локалните избори. Револтот кај вработените во Комуналец расте, а со тоа расте и притисокот на локалната самоуправа врз нив да го прикрие овој случај кој добива се пошироки димензии.