Македонија

Расте свеста кај граѓаните за осигурување

Расте свеста кај граѓаните за осигурување

За осигурителните друштва во Македонија минатата година беше исклучително успешна. Остварена е бруто полисирана премија од 7,63 милијарди денари што е раст од 6,6 отсто во однос на 2013-та и се исплатени 3,05 милијарди денари бруто износ за штети. Но, како што беше речено денеска во Стопанската комора, иако свеста на граѓаните за осигурувањето се зголемува, сепак, добар дел од нив се уште го сметаат за непотребен трошок, пренесува МИА.

Според билансот за 2014-та, мал е бројот на лица кои ги осигуруваат своите домови, а незавидни се и резултатите со полисите во земјоделството. Причините за ова, велат осигурителните компании, треба да се бараат пред се во слабата економска моќ и непознавањето на услугите.

– Кај домаќинското осигурување се судруваме со нелогичности. Луѓето без проблем даваат 10 до 15 пати повеќе премија за каско осигурување на возила, а не сакаат да го осигураат својот дом што годишно чини 2.000 до 3.000 денари, рече денеска Ило Ристовски, претседател на Здружението на осигурување.

Ристовски не се согласува дека во договорите за осигурување имот (станови, куќи) се наведени одредени услови од полисата со „мали букви“ кои на каков било начин при реализацијата, би го оштетиле клиентот. Напротив, клиентот често не е заинтересиран за она што го пишува или кога му објаснуваат, вели дека знае, а потоа излегува дека воопшто не ги разбрал условите на полисата.

– Осигурителните компании сфатија дека најдобриот маркетинг за нив е коректно, адекватно и навремено исплаќање на штетите. Оттука, не постојат „мали букви“ во договорите за осигурување. Може да стане збор за недоразбирање и нејаснотии околу обемот, што се полисата покрива, но нема нејасни пасоси, делови или ставови за потрошувачот да се доведе во заблуда, истакна Ристовски.

Според Зоран Стојановски од Советот на експерти при Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), од вкупно регистрираните 60.000 земјоделци, осигурани се само 3.000. Бројот на продадени полиси во аграрот рапидно расте, просечно повеќе од 40 отсто, но потенцијалот е огромен и засега останува неискористен.

– Може да бараме илјада изговори, но проблемот прво треба да го лоцираме во осигурителниот сектор, во понудата, во немањето доволно агенти за продажба на полиси. До скоро само едно или две друштва беа активни на терен, потенцира Стојановски.

И покрај одличните резултати минатата година, драматични промени во осигурителниот сектор, додаде, не може да се очекуваат. За нормално функционирање на осигурувањето, многу е важно и нивото на развој на државата, економијата.

– Не може ниту довербата во осигурителните друштва да порасне преку ноќ, но со заеднички напори на регулаторите и компаниите, може да се влијае многу. Често во прашање е непознавање на половина од осигурителните производи што се нудат, како и на оние кои допрва може да се понудат, посочи Стојановски.

Според податоците за 2014-та, позитивен тренд бележат двата сегмента – за неживотно осигурување е остварена бруто полисирана премија (БПП) од 6,74 милијарди денари или 4,29 отсто повеќе од 2013 година, додека за осигурување живот, БПП е 888,33 милиони денари или 21 процент повеќе од 2013-та. Пораст има и во премијата за автоодговорност, 4,82 отсто, во осигурувањето од незгода, 7,38 проценти и во осигурувањето од туристичка помош, 10,34.

За земјоделско осигурување се склучени 3.704 договори со вкупна премија од 114,52 милиони денари што е 41 отсто повеќе од бројот договори и 29 проценти од полисираната премија.

Пад е евидентиран во каско осигурувањето на моторни возила за вкупно 4,39 проценти.

Првпат по неколку години, сите 11 друштва за неживотно осигурување лани оствариле позитивен финансиски резултат.

Осигурителниот сектор годинава, како што најавија Ристовски и Стојановски, ќе се фокусира на приватното здравствено осигурување, на осигурувањето на имотот и на земјоделските полиси.

фото: МИА