Растот на бројот на патници на аеродромите на „ТАВ Македонија“ трипати поголем од европскиот просек

„Александар Велики“ и „Св. Апостол Павле“, двата аеродрома менаџирани од „ТАВ Македонија“ и во првата половина од 2014 година продолжуваат со стабилниот раст на бројот на патници. Од јануари до јуни домашните авиопристаништа ги користеле 559.779 патници што е зголемување од 18.5 отсто споредено со истиот период лани, кога нивниот број беше 472.536.
– Додека во Европа порастот на бројот на патници е помеѓу пет и шест проценти македонските аеродроми во првите шест месеци од годината остварија зголемување што е трипати поголемо. „Визер“ отвори своја база на скопскиот аеродром и со два авиона почна да лета до нови дестинации како Париз, Франкфурт, Брисел и Келн. Исто така, „Алиталија“ потворно ја отвори директната линија од Рим до Скопје. Од почетокот на годината до сега топ пет дестинации се Истанбул, Цирих, Виена, Лондон и Малме – истакнува Зоран Крстевски, генерален менаџер на „ТАВ Македонија“.

И покрај тоа што летото почна неодамна, земјата покажува дека е навистина популарен избор помеѓу патниците. Во јуни минатата година услугите на македонските аеродроми беа искористени од 107.178 патници додека во јуни 2014 оваа статистичка категорија достигна 126.430 што е подобрување за 18 отсто.

– Како резултат на директните летови до многу дестинации од Скопскиот аеродром, бројот на патници, не само од Македонија, туку и од другите земји, е зголемен. Со цел да го одржиме растот на бројот на патници откако почнавме да ги менаџираме македонските аердроми, „ТАВ Македонија“ и „ТАВ аеродроми“, продолжуваат со промотивните и маркетинг активностите – вели Крстевски.

Делот со бројот на летови, односно движења на воздухоплови, исто така покажа подобрување, не само во претходниот месец туку и во првата половина од 2014. Во јуни 2013 имало 1.176 полетувања и слетувања, а во јуни годинава, 1.342, што е пораст за 14 проценти. Во првите шест месеци од 2013, пак, имало 5.740 движења, а во периодот од јануари до јуни годинава тој број е 6.331, што е подобрување за 10 процентни поени.