Македонија

Ратајкоски: Го следиме „Пуч“, но нема да бидеме гласило на СДСМ

Ратајкоски: Го следиме „Пуч“, но нема да бидеме гласило на СДСМ

Првиот програмски сервис на МТВ донесе одлука да ги следи сите прес-конференции на опозицијата, особено оние поврзани со случајот „Пуч“ и да информира за истите, но не и да се претвори во гласило на опозицијата и нејзините обвинувања за криминал, за кои претстои судска разврска и препорака на Јавното обвинителство, вели за „Дневник“ главниот и одговорен уредник на првиот програмски сервис на Македонската радио-телевизија, Диме Ратајкоски за ДНЕВНИК.

Ова е одговор на секојдневните обвинувања на адреса на јавниот сервис дека со неемитување детали од „бомбите“ на Заев, односно детали од прислушуваните разговори, информира пристрасно пласирајќи само информации за активностите и во полза на владата.

Според Ратајкоски, неодговорно е да се обвинува МРТ, без да се земе предвид целокупното значење на јавниот сервис, особено нејзиниот информативен сегмент, кога има случај на политичка криза во државата. Тој додава дека информативната програма на МТВ го прави токму она што треба, пренесувајќи ги говорите на Заев од прес-конференциите каде што се објавуваат „бомбите“.

– Едно е да се даде информација за настан, а друго е да се бара „повеќе од информација“, која допрва треба да влезе во судска сала. Има нешто што се нарекува уредувачка политика на куќата, без разлика дали таквата одлука им се допаѓала или не на поединци, група граѓани или политички субјекти. Уредниците и новинарите во јавниот сервис имаат една единствена должност што мора да ја почитуваат, информирањето, но не и коментирање или навлегување во детали на настани што може негативно да влијаат врз целокупната состојба во државата, вели Ратајкоски.

Во врска со тоа дали е законски или не, односно дали е кривично дело или не кога медиумите објавуваат материјал што е дел од доказ пред суд, главниот уредник на МТВ1 е дециден дека постои разлика меѓу содржината што може да ја објавува еден радиодифузер и приватна телевизија.

Секаде во Европа е така, па и кај нас. Вие можете с` што сакате да објавите на вести на приватна телевизија, но не и на вести на јавен сервис. И домашната и меѓународната јавност отсекогаш ја следеле и ја следат работата и информациите што излегуваат од МРТ, затоа што објавеното тука има многу поголема тежина и одговорност и токму затоа како уредници внимаваме што излегува во нашиот етер, додава тој.

На неистомислениците им порачува дека МРТ е основана од државата и за својата работа единствено одговара пред Собранието.

– Собранието треба да биде пиемонтот на македонската демократија и истите тие што ја обвинуваат МРТ за пристрасност во информирањето, треба тоа да го направат од парламентарната говорница, а не од улица, порачува Ратајкоски.

За чии цели протестираат?

Главниот уредник на МРТ1, прв пат го изнесува и својот став во врска со неколкудневните протести пред МРТ, предводени од Стојанче Ангелов, на кој му се приклучија и други познати личности. Ратајковски вели дека досега бил воздржан, оти според него јасно е како ден зошто се случуваат. Ги прашува каде беа да ги бранат правата на новинарите и вработените во периодот кога беа на работ на егзистенција и со месеци немаа земено плата.

– Се работи за класична злоупотреба и притисок на новинарско-уредничката и граѓанска слобода, од група луѓе кои имаат и тоа како добра причина зошто го прават тоа, за чии цели и интереси? Нема да навлегувам во детали за тоа кој од демонстрантите колку заработува и одработува, туку само ќе потсетам дека истите тие што работеле или соработувале со јавниот сервис, а денес сакаат насилно да го окупираат, немаа образ и достоинство да протестираат за слободата на говорот и правата на вработените во МРТ, кога работниците не земаа по 8 месеци плата, немаа услови за работа и секојдневно згаснуваа цели фамилии затоа што беа бркани од работа, вели тој.

Според него, разочарувачки е што досега Здружението на новинарите на Македонија ниту еднаш не дало поддршка за новинарите од јавниот сервис. Наместо тоа, се слушаат само дискредитации, омаловажувања и ниски навреди. Им порача на протестантите да не сметаат дека со самото плаќање на радиодифузната такса може да влијаат врз уредувачката политика на куќата.

– Отсекогаш, па и ден-денес сум поборник наплатата на радиодифузната такса да се укине, што е случај со неколку земји во Европа, членки на ЕБУ и финансиското работење на јавниот сервис да се стави единствено во буџетот на државата, а најсвеж е примерот на бугарскиот јавен сервис кој пред 4 години ја укина радиодифузната такса и се финансира од бугарската држава, порача тој.