Раул Гонзалес : Ова е најважниот натпревар сезонава

Натпреварот кој ќе ја идентификува оваа сезона за екипата на Вардар ќе се случи в сабота (20:15), а црвено-црните денеска најавија дека се подготвени да “гинат” за да ја надоместат негативата од првиот меч против Висла, кој го загубија со 26:32. Многу работи не функционираа во играта на македонскиот тим, но по темелни анализа и напорни тренинзи цела недела Вардар е подготвен да го избори местото меѓу најдобрите осум во Европа.

“Ќе го играме најважниот натпревар оваа сезона, се надевам дека ќе бидеме поуспешни во ова елиминкациско коло. Одигравме лошо и во нападот и во одбраната во Полска и мораме да го подобриме сето тоа ако сакаме да ги продолжиме натпреварите понатаму. Трениравме добро во текот на оваа недела, немаме повредени играчи и се надевам дека атмосферата на домашен терен ќе биде одлична и ќе ни помогне да одиграме подобро. Секогаш кога игра Вардар на домашен терен атмосферата е извонредна, а тоа ни е многу важно затоа што нѐ очекува напорен натпревар и тешка задача затоа што разликата е шест гола”, вели тренерот Раул Гонзалес.

Тој додаде дека не очекува некоја промена во пристапот од неговиот сонародник и колега од спротивната клупа, Маноло Каденас. Единствената грижа за Гонзалес во моментов е тоа што Добривое Марковиќ има температура и, иако синоќа тренираше, не се наоѓа во оптимална здравствена состојба.