Македонија

Раздвоеност во СОНК, бараат откажување на штрајкот

Раздвоеност во СОНК, бараат откажување на штрајкот

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, ја губи поддршката од наставниците и организирајќи протести има за цел да си обезбеди уште еден мандат.

Вакви обвинувања денес упатија голем дел од членовите на СОНК, наставници од различни училишта.

Тие бараат да биде откажан закажаниот штрајк, бидејќи истиот го оценија како собир со нереални барања.

-Нема да дозволиме да бидеме неми и јавно го изразуваме несогласувањето со најавите за штрајк. Штрајкот не е вистинска битка за поголеми права на сите претставници на СОНК, туку лична битка на актуелниот претседател, кој единствено цели кон свој реизбор. Јаким знае дека ја изгуби поддршката меѓу наставниците и сега работи само за лични интереси, истакна наставничката Лидија Балџиева од основното училиште „Димитар Македонски“, која 33 години е член на СОНК.

Големата група на членови на СОНК истакна дека барањата на нивниот претседател се нереални и со нив само сака да добие масовност и поддршка која ја има изгубено.

-Ако штрајкот се одржи најголемиот дел од наставниците нема да учествуваат затоа што ние уште од минатиот штрајк ја загубивме довербата во претседателот од кој не добивме никаква заштита, а оние кои навистина трпеа штета се децата ученици, нивните родители и целиот образовен процес. Досега од него добивме само непотребни конфликти со родителите, наставата трпеше, додаде Балџиева.

Дефектологот Лидија Крстевска-Дојчиновска потврди дека најголема штета ќе претрпат децата, бидејќи тоа би значело работни часови за време на викендите.

Инаку, Неделков е прв човек на СОНК од 2010 година и по мандат од 5 години следниот избор за претседател треба да се одржи во октомври годинава.