Разговори посветени на православната духовност во црквата во Чаир

Во дворот на црквата „Св. Георгиј Победоносец“ во Чаир денес во 18 часот ќе се одржат разговори посветени на христијанската православна духовност.

Присутните ќе имаат можност самите да постават прашања поврзани со некои дилеми и теми. Вечерва таму ќе се одржи заедничко дружење преку кое ќе си помогнеме взаемно во процесот на нашето духовно личносно зреење и осознавање на Божјата осмислителна и спасителна ВИСТИНА. Општата тема на втората средба е: „Фазите на процесот во кој личноста се осознава себе, а и својот Творец“, пишуваат организаторите.

Исто така, во рамките на овие августовски дружења организирано е и групно крштевање на возрасни кандидати кои од ред причини не биле крстени до сега.

-Оние кои имаат желба да бидат крстени, односно, да станат ученици Христови, членови на Неговата Црква и синови и ќерки – преку благодатта на Духот Свет – на Нашиот Небесен Отец нека повелат на овие дружења. Точната дата на групната крштевка ќе ја договориме заедно, стои во поканата.