Разговори за спорот за името денеска во Њујорк

Во Њујорк денеска околу девет часот по локално време ќе почне средба посветена на спорот за името меѓу Македонија и Грција. Специјалниот пратеник во разговорите за името, амбасадорот Метју Нимиц, заеднички ќе се сретне со македонскиот посредник, амбасадорот Зоран Јолевски, и грчкиот дипломат Адамантиос Василакис, пренесува МИА.

Средбата, која се очекува да трае неколку часа, ќе биде проследена со прес-конференција во седиштето на Обединетите нации.

Вчера во Њујорк веќе се одржа вообичаената одделна средба на Нимиц со Јолевски. Пратеникот Нимиц пред заедничките средби со Јолевски и Василакис вообичаено одржува одделни разговори со нив.

Ова е прва средба во форматот во Њујорк по крајот на октомври. На овие разговори Нимиц не го криеше разочарувањето од исходот, и изјави дека меѓу двете страни остануваат големи разлики по прашањето за името.

Тема на овие разговори беше „априлскиот предлог” на Нимиц, од чие предлагање помина скоро една година. 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.