Македонија

Размената со странство до септември 9,1 милијарди долари

Размената со странство до септември 9,1 милијарди долари

Од јануари до септември од Македонија се извезени стоки во вредност од 3.694.254.000 американски долари, а увезени се стоки чија вкупна вредност изнесува 5.418.869.000 американски долари.

Според податоците што денеска ги објави Државниот завод за статистика, покриеноста на увозот со извоз е 68,2 проценти, а трговскиот дефицит во овој период изнесува 1.724.615.000 американски долари.

Во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, сетови на проводници за палење и слично, производите од железо и челик и облеката, додека во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), платината и легурите и електричната енергија.

Во овој период најмногу се извезувало во земјите-членки на Европската унија, по што следуваат земјите од Западен Балкан, а најмногу се увезувало од Европската унија.

Според вкупниот обем на надворешно-трговска размена, Македонија најмногу тргува со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија, односно 52,4 проценти од вкупната надворешно-трговска размена се врши со овие пет земји.