Разнишана коалицијата на СДСМ – пукаат нејзините стаклени нозе

платформа

Партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ) застана против цврстите ставови на својот коалициски партнер СДСМ, во однос на т.н. „Тиранска платформа“.

ДОМ, која е во коалиција со СДСМ и доби едно пратеничко место во парламентот, вчера испрати соопштение до јавноста во кое предложи да се повлече етничката платформа од преговорите за формирање Влада.

Според ДОМ, повлекување на платформата е „во општ интерес, за да се овозможи мирна институционална разрешница на политичката криза“.

Истовремено апелираме на коректност и воздржаност во изјавите на сите политичари во овој период, зашто ситуацијата е запалива. Ги осудуваме сите изјави кои содржат говор на омраза и понижување кон било која етничка група, народ или држава. Т.н.-та Платформа на албанските партии по изборите накалеми нова, етничка криза, на веќе постојната политичка криза. И независно кој и каде го напишал текстот, тој е провокација и дел од регионална игра. На предлагачите им послужи за подигање на рејтингот, но реално направи огромна штета за меѓуетничките односи, за граѓанската кохезија и за регионалната стабилност.

Платформата направи јаз меѓу граѓаните, како удар со секира! Како да беше направена за да им се одмазди и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, поради намалениот број мандати на етничките албански партии. Создаде практично невозможна преговарачка позиција за било кој мандатар, по што логично се поставува и прашањето: Дали воопшто некој од предлагачите посакува формирање Влада и стабилизација на земјата, или има друга агенда?

Македонскиот мултикултурен образец, со заштита и почитување на правата на сите заедници во земјава, беше вграден во Уставот со Рамковниот договор, кој беше мировен договор. Ако сега се поставуваат барања, кои одат во насока на промена на Уставот и редефинирање на државата, логично е граѓаните да се исплашени дека некој посакува конфликт во Македонија.

Затоа мора прво да си ја вратиме довербата со отстапка од нереални барања. Впрочем, политиката е умешност на можно, наведено е во информацијата до јавноста на партијата ДОМ.

Од друга страна, веќе со денови, првите луѓе на СДСМ, предводени од лидерот Зоран Заев, постојано настапуваат на телевизиите бранејќи ја пред македонската јавност одлуката за прифаќање на платформата на албанските партии во Македонија и убедувајќи ги граѓаните дека тие како политичка партија не прифатиле ништо, туку само се согласиле во иднина, откако ќе формирале влада, да се отпочнат разговори за барањата на партиите на Албанците во Македонија.

Истовремено, пак, првите луѓе на ДУИ, предводени од лидерот Али Ахмети, исто така постојано се присутни на медиумите и потврдуваат дека Заев и СДСМ прифатиле се’ од т.н. „Тиранска платформа“. Претставниците на ДУИ дури тврдеа дека платфромата е искреирана во Скопје, а само потпишана во соседна Албанија. Но, очигледно јавните препукувања околу платформата ДУИ сака да ги искористи за зголемување на својот рејтинг меѓу албанското гласачко тело во земјава.

На ова се спротистави Беса, која со соопштение до јавноста објави дека платформата е креирана во Тирана под покровителство на албанската влада и Еди Рама.

И лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, јавно се произнесе дека тој и неговата партија, која има три пратеници во Собранието, цврсто стојат на ставот за менување на химната и знамето на Република Македонија, бидејќи тие се државни обележја само на Македонците, кои според него порано не постоеле на овие простори и кои немаат идентитет.

За овие јавно искажани ставови на Села немаше никаква реакција од СДСМ.