Разногласија меѓу Трамп и советниците за средбата со Путин, Кремљ е подготвен за секаков формат

© AP Photo / Evan Vucci

Американскиот претседател Доналд Трамп инсистира на средба со рускиот колега по должност Владимир Путин во согласност со сите дипломатски формалности, пишува Associated Press повикувајќи се на неименувани американски функционери.

Во извештајот на агенцијата се истакнува дека во американската администрација постои длабока поделба во тоа каков пристап да се зазема кон Русија во Вашингтон додека се разгорува истрагата во САД за наводните врски со Москва со кампањата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Повеќе претставници од опкружувањето на претседателот сметаат дека Вашингтон сега треба да ја задржи дистанцата и комуникацијата со Русија да ја остварува со голема претпазливост. Истовремено, Трамп и неколку високо рангирани членови од неговата администрација инсистираат на официјална билатерална средба со Путин. Особено, и покрај повиците од Стејт департментот и Советот за национална безбедност, американскиот претседател се залагал за пристап на медиумите и исполнувањето на сите норми од протоколот, специфични за ваквите консултации.

Како што истакнува AP некои советници му препорачуваат на Трамп куса неформална средба со рускиот челник на маргините од самитот на Г20 во Хамбург или организирање „разговори за стратешката стабилност“ меѓу претставниците на американската и руската делегација на самитот, што вообичаено не подразбира и присуство на шефовите на државите.

Белата куќа претходно објави дека не се исклучува средба меѓу Трамп и Путин „на маргините“ од самитот од групата на „големата дваесетка“, којшто ќе се одржи на 7 и 8 јули во Хамбург.

Од друга страна, портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков, изјави дека конкретни договори за првата лична средба меѓу Путин и Трамп нема, додавајќи дека во Москва е расположени за секој формат на контактите.

„Во овој случај протоколарната страна е секундарна, бидејќи станува збор за можност на првата директна средба меѓу двајцата претседатели“, изјави Песков. Портпаролот на Кремљ за руските медиуми истакна дека „и онака тие (Путин и Трамп) заедно ќе присуствуваат на ист настан, во ист град во исто време, и на еден или друг начин постои можноста за средба“.

„Сметам дека руската страна ќе биде подготвена на таквата форма на средбата, којашто ќе им договара на Американците…“, одговори Песков на новинарско прашање во кој протоколарен формат би се одржале разговорите меѓу челниците на Русија и на САД.

Портпаролот на рускиот претседател порача дека треба да се почека до самитот на Г20, констатирајќи дека „за жал, сѐ уште нема конкретни сигнали во таа смисла“.