Разочарани се сите фудбалери на Атлетико Мадрид

Стандардните првотимци во дресот на Атлетико Мадрид, Габи и Хуанфран признаа дека не се многу задоволни од конечниот резултат кој е постигнат на првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампиони.

“Не сме задоволни, се е отворено, сите опции се во игра. Сакавме да победиме, игравме на победа од првата до последната минута. Бевме свесни, знаевме дека Челзи многу тешко прима погодок. Сега имаме горчлив вкус во нашата уста, изјави Габи.

Неговиот тимски колега, Хуанфран пак додаде Атлетико Мадрид има доволно квалитетен тим кој може да слави на реванш полуфиналниот дуел на “Стемфорд Бриџ”.

“Нормално дека не сме задоволни од конечниот резултат. Сакавме победа, сакавме да ги израдуваме нашите најверни фанови. Челзи одигра дефанзивно во сите 90 минути. Се одлучија за таква тактика затоа што се убедени дека ќе забележат победа во Лондон. И ние сме убедени дека можеме да славиме на “Стемфорд Бриџ”. Знаевме дека нема да ни биде лесно, но конечниот резултат е јасен сигнал дека ќе биде многу неизвесно и на реванш дуелот”, изјави Хуанфран.