Разрешен заменик директорот на Агенцијата за разузнавање

Мухамед Исмаили, заменик-директорот на Агенцијата за разузнавање е разрешен, бидејќи со новата систематизација, не е предвидена оваа функција

Од ДУИ партијата од чии редови е Исмаили реагираат  дека разрешувањето  е направено единствено од политички мотиви, а не поради професионални причини. Оттаму обвинја дека Исмаили бил разрешен од претседателот Ѓорѓе Иванов.

Од Кабинетот на Иванов го демантираа обвинувањето посочувајќи дека  ДУИ се обраќа на погрешна адреса во врска со разрешувањето на заменик-директорот на Агенцијата за разузнавање Мухамед Исмаили.

Со реакција се јави и Агенцијата за разузнавање, од каде што објаснија дека само директорот на Агенцијата,  се именува и разрешува од шефот на државата, а сите други работни места и распоредувања на работници се согласно актот за систематизација на работни места.

Во соопштението се појаснува дека освен директорот на Агенцијата, кој согласно член 4 од Законот за Агенцијата за разузнавање се именува и разрешува од страна на Претседателот на Република Македонија, сите други работни места и распоредувања на работници се согласно актот за систематизација на работни места на АР, кој го носи директорот на АР со претходна прибавена согласност од Владата на РМ (член 5 од законот за АР).

„Заменик директорот на АР од 2003 до 2015 година ги вршеше работните задачи согласно старата систематизација на работни места. Тој бил поставен од директорот на АР, како дел од професионалниот состав на работници во Агенцијата. Тоа работно место и тогаш не било функционерско, со оглед дека местото заменик директор не постои во законот за АР. Согласно новиот акт за систематизација на работни места, досегашниот заменик директор, согласно своето образование и стручна подготвка е распореден на раководно место во АР“, се наведува во соопштението.